Фото: В.Ѓ.Парго

Од Еден Голан, израелската претставничка на „Евровизија“, најпрво беше побарано да ја смени оригиналната песна со наслов „Октомвриски дожд“, бидејќи алудираше на убиствата и киднапирањата на Израелците од страна на терористичката организација Хамас, по што насловот е сменет во „Ураган“, што ЕБУ го одобри, во спротивно немаше да ѝ биде дозволено да учествува

Специјално за „Нова Македонија од Малме, Шведска – Валентина Ѓоргиевска Парго

Поминаа 68 години откако во градот Лугано, Швајцарија, на 24 мај 1956 година се одржа првата „Евровизија“, фестивал кој започнал по идеја на новинарот од Швајцарската телевизија, Марсел Бесон, кој осмислил како да почне да се обновува воено- разурнатата Европа, и да се поттикне помирувањето на државите и нациите, по Втората светска војна.

Тоа и го направило овој музички фестивал топол, поддржуван и обожуван и во следните децении, за денес повторно да го држи приматот. Дури се проширува меѓу континенти, но сѐ уште ја извршува својата мисија на спојување и обнова, затоа што за жал сѐ уште се одржува меѓу војни и конфликти, дури и меѓу земјите кои имаат свои музички претставници на фестивалот.

Публиката ширум Европа две вечери, на 7 и 9 мај, доживеа визуелно магично евровизиско искуство, кое ја очекува и на финалето утревечер, на кое, за жал, нашата земја не учествува втора година по ред.

Претставникот на домаќинот Шведска ќе ја отвори финалната вечер, а ќе ја затворат учесниците од Австрија.

Од првата полуфинална вечер (7 мај) се пласираа: Хрватска, Србија, Словенија, Португалија, Украина, Литванија, Финска, Кипар, Ирска и Луксембург.

Фото: В.Ѓ.Парго

Од втората полуфиналната вечер (9 мај) во финалето ќе настапат претставниците на: Летонија, Австрија, Холандија, Норвешка, Израел, Грција, Естонија, Швајцарија, Грузија и Ерменија. Секако ќе ги видиме и претставниците на големата петорка, основачи на фестивалот: Италија, Франција, Велика Британија, Шпанија и Германија.

Гласањето во двете полуфинални вечери беше со телефонско јавување, а во финалето во крајниот резултат во сооднос 50 : 50 ќе учествуваат гласовите од телефонското јавување и од стручното жири.

Скандали и (непотребна) паника!

Европската радиодифузна унија (ЕБУ), има строги правила кои ги наметнува, секогаш кога има сомневање дека нешто е договорено, со цел да се привлече повеќе внимание и да биде погледано. Од таквите скандали оваа година прв се истакна претставникот на Финска, „Виндоус 95 мен“ (Windows95man), кој се претстави со песната „No Rules“, а ги изненади сите кога на полуфиналето првата вечер излезе на сцената без гаќи.

Тоа за момент ја фрли во сенка Еден Голан, израелската претставничка на „Евровизија“.

Од 20-годишната, атрактивна Израелка, најпрво беше побарано да ја смени оригиналната песна со наслов „Октомвриски дожд“, бидејќи алудираше на убиствата и киднапирањата на Израелците од терористичката организација Хамас, по што насловот е сменет во „Ураган“, што ЕБУ го одобри, во спротивно немаше да ѝ биде дозволено да учествува. Еден Голан беше исвиркана за време на првото полуфинале на 7 мај, а еден човек пред салата го искина израелското знаме. Исто така, организаторите се извинија затоа што еден учесник во полуфиналето покажа про-палестински симбол.

Ирската пејачка Бамби Таг вели дека на членовите на нејзиниот тим им било речено дека мора да ги отстранат сите политички пораки од облеката што планирале да ја носат во полуфиналето, на која замислиле да биде стилизиран зборот огам, напишан на древното келтско писмо, кој може да се толкува како „примирје“ и „слобода за Палестина“.

Фото: В.Ѓ.Парго

Швеѓанецот Ирик Сааде на својот настап во воведниот ревијален дел од шоуто носеше кефије шал околу зглобот, што се користи кога луѓето сакаат да покажат дека се пропалестински настроени. Пејачот Оли Александар, кој ја претставува Велика Британија, претходно повика на целосен прекин на огнот во Газа… Инаку, Голан не ја напушта хотелската соба бидејќи израелската делегација постојано добива закани.

Поради сето ова и заканите од терористички напад или поставување на бомба, безбедносните мерки околу салата, се зголемени на повисоко ниво. Тоа не е толку видливо за обичниот човек, но сепак напорите на организаторите сѐ да мине во најдобар ред се огромни, особено бидејќи се работи за ваков масовен фестивал, со посетеност од илјадници луѓе.

Сепак, според она што го забележав, жителите на Малме се доста исплашени, сите во градот велат дека е опасно и оти може нешто лошо да се случи или некој да подметне бомба во „Малме арената“ или во „Емпориа“, огромниот трговски центар, што се наоѓа веднаш до салата. Од друга страна, новинарите и евровизиските фанови, ако ги прашате дали се плашат од евентуален терористички напад, одмавнуваат со рака и ноншалантно велат: „Ама ајде, тоа нема да се случи“.

Фото: В.Ѓ.Парго

Досега имаше неколку иницијативи за да се изостави Израел од годинашниот избор, поради војната во Појасот Газа, која трае од октомври минатата година. Но, Израел, заедно со други неевропски земји, како Азербејџан, Грузија и Австралија, има дозвола да се натпреварува како членка на ЕБУ, затоа и нивните претставници се на фестивалот.

Но тука и гледачите во публика се предупредени да не носат палестински знамиња и други симболи. Финалето ќе се одржи утревечер, а ќе се пренесува на Македонската радио-телевизија. Македонија нема своја претставничка песна, ни оваа како ни минатата година.

Интергалактично визуелно претставување

Но, „Евровизија 2024“ на сцена е научнофантастичен – интергалактички несекојдневен настан, а зад сцена воено- конфликтен филм! Некои коментираат дека кореографиите на некои изведувачи се на работ на добриот вкус, но тое е дел од „слободата на шоуто“.

Продукцијата е на врвно ниво и сите вклучени во реализацијата го даваат најдоброто.

За „филмскиот поглед“ на сцената и на сѐ што се случува околу неа и во салата, се користат 26 камери, вклучувајќи мешавина од РФ, рачни и Стедикам опции. Се користи формат 1080i25 со креативен пресврт: ПСФ режим за посинематска естетика.

Искуството на публиката дополнително се засилува и со робустен звучен пејзаж, вклучувајќи рачни микрофони, пакети со појаси и посебни кабини за коментатори. Графиките со отворен код напојувани со ХТМЛ, Јаца Скрипт и ЦСС управуваат со сите визуелни елементи, вклучувајќи ја и графиката за гласање.

Транспортот на екипата користи електрични автомобили, осветлувањето на сцената се потпира исклучиво на ЛЕД и ласерски извори, а поголемиот дел од опремата се изнајмува за да се минимизира отпадот и загадување на околината.

Фото: В.Ѓ.Парго

Во таа насока оваа година нема ни торби ни промоматеријали за новинарите во Прес-центарот, освен кафе, јаболка и банани. А минимизиран е уште еден од елементите а тоа е масовно и групно веење на знамиња, кои делуваа симпатично, но според организаторите на моменти имале и националистички „призвук“.

На годинашната „Евровизија“, приоритет има естетиката и беспрекорното емитување, како и секогаш, но годинава врвот е достигнат.

Локацијата на „зелената соба“ е зад публиката каде се наредени едно до друго во три реда. Годинава техниката и визуелните ефекти се она на што се посветува најмногу внимание.

И утревечер не очекува визуелно бајковито телевизиско патување низ светот на невозможните и чудесните ефекти.