ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ

Колку амбулантни возила купивме од парите за Евровизија?

ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ

1 Е па, ако не, ај ВМРО да го вратиме.

Честитки. Сега е веќе губење време ако се анализира како и зошто СДСМ доживеа историски најголем пораз на изборите. Впрочем, некои од нив велат дека ги увиделе грешките, па нема веќе потреба ни да им се објаснува.

На власт се враќа ВМРО-ДПМНЕ, која уште ни ги одржува живи спомените од нејзиното злосторничкото владеење. Додека Никола Груевски владееше 11 години, СДСМ наместо да биде активна и одговорна опозиција цело време се жалеше дека не е на власт и очекуваше симпатии. Откако пред седум години со помош на граѓанската сила дојде на власт, продолжи со кукање: „знаеш како е, не е баш така, па не може туку-така, ама вие не разбирате колку е тешко“… и сите оправдувања завршуваа со најсилниот аргумент: „Ако не, па ај ВМРО да го вратиме“.

Овој историски пораз им е најдобар момент да сфатат дека кукање од типот „сите сте криви што ние не сме на власт“ нема да им помогне суштински да си ја реформираат партијата. Но, тоа си е нивна внатрешна борба. Нека си ја избијат сами таа битка, ако овојпат смогнат сила за работа, ред и дисциплина.

На државата ѝ треба силна опозиција. Ама пак, боже мој, ако тоа не е СДСМ, ќе се појави некој друг.

Сеедно, ќе остане запаметено дека СДСМ ја испушти историската шанса за „ова зло да не се повтори“.

2 Со 58 освоени мандати во Собранието ВМРО-ДПМНЕ може да прави што сака. На Христијан Мицкоски сега веќе никој нема да му биде крив за ништо. Друг начин да се види дали се истите како пред седум години или во меѓувреме станале подобри – нема.

Тој веднаш по прогласувањето на резултатите рече дека ги увиделе грешките на досегашната власт и нема да ги повторат. Учел од грешките на СДСМ.  Грешките од нивното 11-годишно владеење, за кои никогаш не се извини, не ги спомена. Сега веќе не мора ни да се извинува. Дали ќе ги повторува ќе се покаже многу брзо.

Така што, од ВМРО-ДПМНЕ немам некои очекувања. Туку, да не нѐ снајде полошо отколку што беше во заробената држава на Груевски.

3 ДУИ се заканува со дестабилизација на државата ако повторно не биде дел од владината коалиција.

Ако САД и ЕУ ѝ се вистински пријатели на Македонија, сега е ред да се покажат на дело со тоа што ќе ѝ дозволат на ВМРО-ДПМНЕ, како победник на изборите со огромно мнозинство гласови,  самата да си одлучи со која партија ќе прави влада. Ако го тераат Мицкоски да коалицира со ДУИ, тогаш само би ги легитимирале нивните закани со оружје. И би поддржале нестабилност на државата. ДУИ на избори настапуваше со коалицијата Европски фронт. За тој  фронт ли ќе ги вадат чизмите од таван?

Со евентуална поддршка за нивниот традиционален миленик Али Ахмети, САД и ЕУ би го поддржале силеџиството, уште и поттикнато со јавно омаловажување на државата. Артан Груби гордо се сликаше како го бојкотира изборот на Претседател. Настрана што таквата поддршка уште повеќе ќе го зајакне евроскептицизмот, кој ионака е вивнат до таванот од нефер политиките на ЕУ кон Македонија.

4 Сите честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за изборот за претседателка на државата што доаѓаат од европските лидери се со забелешка дека се надеваат оти државата нема да отстапи од европскиот пат.

Самата ЕУ го зголеми ризикот за Македонија да отстапи од европскиот пат. Тој пат за Македонците стана сосема неизвесен во моментот кога ЕУ го поддржа бугарското вето. Кога од еден народ ќе побараш во рок од 4-5 години прво да си го смени името на државата, па после наместо да му помогнеш полесно да ја надмине таа болка, уште и дополнително ќе го понижиш да внесе во Уставот делови од народ на држава што не те признава дека постоиш, тогаш добиваш гласачи во земја во која политиките на ЕУ не се доживуваат како добранамерни.

Тоа е тоа.

5 Втора година по ред Македонија не учествува на изборот на Песна на Евровизија.

Не е некој настан од животозагрозувачко и историско значење, ама искрено, ми е криво дека не учествуваме на Евровизија. Мислам дека мала земја треба да ги искористи сите можности да си се промовира и дека не треба да пропушта вакви настани што ги следат над 160 милиони гледачи низ светот. Особено што настапот ти е гарантиран, не треба да водиш преговори, никој нема право на вето, па дури ни песната не мора да ти е убава. Ќе се развееше македонско знаме, ќе се повтореше најмалку десет пати името на државата, ќе ги сликнеа нашите претставници… Едноставно, ќе бевме таму.

Е скапо било. Глупаво било. Не чинеле песните. Било собиранка на чудни луѓе. Смешно биле облечени. Политички се гласало. Јавниот сервис немал пари за Евровизија.

Сме имале и подобри и полоши пласмани на Евровизија. Ама по два-три неуспеси да влеземе во финалето, фејсбук аналитичарите предлагаа наместо државата да троши пари за настап на Евровизија, да купи амбулантни коли.

Колку амбулантни возила се купија од парите што ги заштедивме дека две години не настапуваме на Евровизија?

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира