фото: Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Меморијалниот центар на Евреите од Македонија денеска доби признание и сертификат за подобрување на пристапноста и едукација на лицата со попречености од Фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“.

Фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“ ја продолжува хуманитарната работа на овој голем филантроп, поврзана со грижата, заштитата и третманот на лицата со попреченост во Македонија. По повод денот на раѓањето на проф. д-р Љупчо Ајдински, денеска на пригодна свечаност беа доделени наградите и признанијата.

Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија беше отворен во 2011 година како четврти Меморијален центар на холокаустот на Евреите во светот покрај оние во Вашингтон-САД, Берлин-Германија и Ерусалим-Израел. Во 2019 во Меморијалниот центар е отворена постојаната поставка, составена од 21 секција која хронолошки го презентира животот, културата и традицијата на Евреите на овие простори од периодот на Римската Империја, па сѐ до денес. Истата во себе вклучува оригинални предмети од секојдневниот живот и практикување на религијата на Евреите како и аудиовизуелни содржини кои вклучуваат и сведоштва од преживеаните Евреи од Македонија.
– Целата музејска поставка е достапна на македонски и англиски јазик, а од 2019 година е достапен и водич низ поставката на Брајово писмо. Поставката е изложена на две нивоа и има соодветна пристапност за посетителите во колички или имаат потреба за лифт или гасеница за пренос. Во рамки на тековните активности на Меморијалниот центар, повремено се изложуваат и времени поставки на различни теми поврзани со животот на Евреите во Македонија, а кои што се достапни за сите посетители иако се на третиот спрат во центарот. Преку регионалниот проект „Подобрување на пристапноста на музеите на Балканот за лицата со попреченост“, беа спроведени анализи и студии на пристапноста и во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Резултатите покажаа подготвеност за прием на посетители со попречености од различни категории. Обезбедена е донацијата на тактилни играчки преку регионалниот проект „Подобрување на пристапноста на музеите на Балканот за лица со попреченост“. Овие играчки помогаат да се подобрат постоечките и да се создадат нови содржини наменети за различни возрасти. Со вклучување на тактилните играчки во различни активности, Меморијалниот центар го подобри тактилното искуство на своите посетители и со тоа придонесат за поголема достапност на содржините за лицата со пречки во видот. За секоја секција од нашата поставка подготвивме видеа на знаковен јазик и аудио приказни со кои посетителите ќе слушнат и дознаат повеќе информации, без оглед на попреченоста. Преку QR-кодови, со скенирање, посетителите добиваат пристап до аудио нарација и видео на знаковен јазик. Во рамки на изложбата „Еден час“ изработивме 10 тактилни слики пропратени со опис на Брајово писмо, фотографија и текст. Целта на оваа изложба е доближување на нашата постојана поставка до слабовидните и до лицата со оштетен вид. Оваа изложба ја направивме патувачка. Во 2024 година ќе ги посети просториите на 17 здруженија на слепи лица и со оштетен вид.
Фондот на холокаустот на Евреите има соработка со Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години “Пролет” и со волонтерите од Клубот на млади на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Карпош кои работат на проектот „Хуманко“. Корисниците освен што ја посетија постојаната поставка учествуваа и на специјалните за нив прилагодени работилници.
Употребата на различни формати во презентација и интерпретација на музејските содржини придонесува за зголемена пристапност и поголемо вклучување на различни посетители. Нашата цел е натаму да бидеме уште повеќе пристапни и да имаме повеќе содржини за сите категории на посетители – велат од Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите.