КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: СДСМ бродолом

460

СДСМ на изборите доживеа очекуван и заслужен дебакл. За тоа се виновни исклучиво самите, кога велам самите, мислам на раководството кое како да има вграден чип за глупоќа или ако нема чип тогаш мора да има некакво зрачење во нивните простории кое им го суши мозокот. Ова не се однесува само на ова раководство туку и на неколку раководства наназад кои на ист начин ја практикувале власта, на ист начин се однесувале и добиле ист резултат – шлаканица која ѝ се слуша и боли.

СДСМ никогаш не знаеле да извлечат заклучок од доживеаните порази и никогаш не знаеле да ја разберат пораката што им ја праќа народот. Елитизмот и самобендисаноста не им дозволуваат да ги согледаат сопствените грешки и да ги признаат  и што е најлошо, не им дозволува да ги исправат грешките и да ја сменат менталната матрица. Јавна шега е дека висок функционер на СДСМ, кога ќе дојде на власт прави прво четири работи, купува лаковани кондури, почнува да пие виски и прекинува да се јавува на сите со кои до вчера бил близок и кои и му овозможиле да биде таму каде што е и најважно од се , заборава зошто народот му дал власт и го гласале. Следната фаза е дека седнат во функционерска фотелја нема ниту претстава ниту план ниту програма што ќе прави со ресорот кој му е доделен. И наместо да почне да размислува како да ја оспособи институцијата да стане функционална и во служба на народот и државата,  тој самобендисано почнува да размислува дека е предодреден да биде во таа функционерска фотелја, дека институцијата ја наследил од татко му и дека треба да извлече што поголема лична корист.

Следната фаза е дека кога ќе почнат реакциите во јавноста за ваквиот начин на практикување на власта , СДСМ почнува со спинувањето и потсетувањето на народот колку биле лоши оние пред нив и што се правеле, обвинувајќи го народот дека брзо заборава. А народот не заборава, напротив, долго памети и казнува.

СДСМ заборава дека дојде на власт по катастрофалното владеење на ВМРО и по констатациите дека државата е комплетно партизирана, институциите заробени а корупцијата во толкав замав да странските амбасадори искажаа сериозна загриженост и вознемиреност. Исто така заборавија што треба да направат и за што народот им даде доверба, заборавија дека треба да ја департизираат државата, да  ги ослободат институциите, да изградат функционален систем, да направат сериозни реформи во судството и да создадат држава со која народот се гордее.

Наместо тоа раководството на СДСМ не само што продолжи каде што застана раководството на ВМРО, туку го доусоврши системот на безумие, партиска аздисаност, корумпираност до крајни граници, заробени и нефункционални институции, го доурниса правосудниот систем, го понижи македонскиот народ и го инсталираше својот коалиционен партнер ДУИ во секоја пора на државата и општеството.

Невозможно е да се набројат сите афери и глупости кои го следеа владеењето на СДСМ во изминатиов период но можно е да се набројат работите и реформите кои ги преземаа за подобрување на државата и создавање на функционални институции, вклучително и правосудството, а тоа е една голема нула, едно големо ништо.

Уште не седнати во фотелјите почнаа со примена на двојни аршини и селективна примена на законот за политички цели измислувајќи закон за амнестија со кој ги амнестираа тогашните пратеници за да можат да го сменат Уставот, а драконските казни на останатите го наградија со позиција на уставен судија. Инсталираа обвинител кој слуша и гледа само кога ќе му дадат ишарет, а го демонтираа СЈО во кое се колнеа. Повторно партиски ги поделија функциите во судството и обвинителството, а судскиот совет наместо да го реформираат го направија лакрдија. Пријавите против високи функционери особено оние од здравството ги сокрија по фиоки, а за сета состојба во државата одговорни станаа Боки 13 и Катица СЈО. Ги сокрија виновниците за луѓето кои изгореа во тетовската болница, луѓето кои изгинаа во неисправните автобуси, како што сокрија и еден куп функционери одговорни за сомнителни тендери, сомнителни надзори, сомнителни зделки. Менуваа закони како што им одговараше за партиските пазарења и крадеа и крадеа и палеа, а една шупа не изградија.

Не само што не го заштитија народот од пандемијата туку не беа кадарни ни вакцини да обезбедат па македонскиот народ мораше да оди во Србија на вакцинација. Го понижија народот и неговата борба прогласувајќи окупатори за администратори, дозволувајќи некој да ни ја прекројува историјата и потеклото како што ни го сменија и името заедно со пасошите, личните карти, возачките и сообраќајните дозволи и регистарските таблички.

Попусто ја ставивте иднината на платените билборди, со ваквото однесување и политиканство одамна сте се откажале од иднината но што е уште полошо му ја замагливте и доведовте во прашање и иднината на народот.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)