Писториус во САД: Амбасадор на земјата во пресврт

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Пентагон/ Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го увери својот американски колега Остин за поголем воен ангажман. Германија е во прелом – а два процента за одбрана се само почеток.

На темата за кочницата на државно задолжување, Борис Писториус не можеше да најде одговор на својот англиски јазик. Министерот на вчерашната (9.05) дискусија во Вашингтон требаше да одговара на прашања за германската одбранбена политика. На англиски, без проблем, сè додека не можеше да објасни колку е бесмислена кочницата на германското задолжување. Како може да потроши повеќе пари за одбрана без да преземе нов долг или да ги зголеми даноците? „Ова е како, не знам како да го кажам – eierlegende Milchwollsau“, се обиде, но „eierlegende Milchwollsau“ како што го нарече Писториус, не може да се преведе (тоа е израз за некоја работа, личност или решение на проблем кој навидум има само предности, ги задоволува сите барања и затоа е нереално. Изреката ја прави попластична оваа идеалистичка идеја преку имагинарно домашно животно – хибрид од различни животни – кокошка која несе јајца, овца – волна, крава-млеко и свиња-месо, ред.заб.). И едноставно, во главниот град на САД нема разбирање за кочницата на германскиот долг. Во Вашингтон меѓутоа секако се забележува фактот дека германскиот министер се обидува да ги зголеми трошоците и да преземе поголема одговорност.

„Еден од најсилните и најсигурните сојузници“

„Германија останува еден од најсилните и најсигурни сојузници на САД. И јас сум горд што продолжувам да работам заеднички за безбедност и мир“, увери Лојд Остин, американскиот секретар за одбрана, со кого Писториус разговараше во Пентагон.

Остин смета дека плановите на Германија за изградба на постојана бригада во Литванија се историска посветеност што ќе ја зајакне европската безбедност. Остин особено го пофали ангажманот на Германија кон Украина. Од една страна, затоа што Германија прими најмногу бегалци од Украина во Европа и затоа што Германија е најголемиот финансиски донатор по САД. Германската влада тукушто реши „во соработка со Американците, да испорача три ХИМАРС-системи на Украина“. Тие потекнуваат од резервите на САД, а ги плаќа Германија, објави Писториус во Вашингтон. ХИМАРС е ракетен артилериски систем со дострел од приближно 75 километри.

Стоп за поддршка на Израел и од Германија?

Германија стана поинаква земја, времињата се сменија, увери министерот за одбрана Писториус во својот говор на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон: „Германија е цврст сојузник, способна и подготвена да ја игра својата улога во Алијансата и светската политика. Од почетокот на агресорската војна на Русија против Украина, Германија се откажа од својата воздржаност за испраќање на оружје во воените области. Писториус истакнал дека во Украина во меѓувреме е испратена воена помош од околу седум милијарди евра, а на својот соговорник во главниот град на САД јасно му ставил до знаење дека за него два отсто за одбрана од БДП се само долната, а не горната граница. Членките на НАТО одамна се обврзаа да трошат два отсто од своето економско производство за одбрана. Германија оваа година првпат ќе ја постигне оваа цел. Но, Писториус би сакал да го зголеми уделот уште повеќе.

Писториус има разбирање што американскиот претседател Џо Бајден најави дека ќе ја прекине својата воена поддршка за Израел доколку Израел го нападне Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Германија исто така размислува за слични чекори, рече Писториус за германскиот јавен сервис ЗДФ.

Извор: Дојче веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот