Волстрит расте додека пазарот на труд се „лади“

Акциите пораснаа на Волстрит во четвртокот, бидејќи новите податоци покажаа дека пазарот на труд во САД се „лади“, што ги поттикна шпекулациите дека американската централна банка наскоро ќе ги намали каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна 0,85 отсто, на 39.387 поени, додека S&P 500 порасна за 0,51 отсто, на 5.214 поени, а индексот Nasdaq 0,27 отсто, на 16.346 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од податоците од американскиот пазар на труд. Минатата седмица, имено, бројот на нови барања за надоместок за невработеност се зголемил за 231.000, повеќе од очекуваното и повеќе од претходните седмици. Ова е лоша вест од економска и социјална гледна точка, но „ладењето“ на пазарот на труд значи дека инфлацијата наскоро би можела да ослаби, што би отворило простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки.

Благодарение на тоа, Dow Jones вчера зајакна седми ден по ред, а на патот на раст се вратија S&P 500 и Nasdaq индексите, кои ослабеа претходните денови.

И додека показателите од пазарот на трудот ги поддржуваат надежите на инвеститорите за олабавување на монетарната политика, следната седмица ќе бидат објавени поважните податоци за инфлацијата – потрошувачки и производствени цени во април.

Покрај надежта за намалување на каматите, пазарот го поддржуваат и деловните резултати на компаниите. Досега, повеќе од 400 компании во индексот S&P 500 објавија резултати за првиот квартал, со околу 77 отсто над очекувањата за заработка.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,33 отсто, на 8.381 поен, додека франкфуртски DAX порасна за 1,02 отсто, на 18.686 поени, а париски CAC 0,69 отсто, на 8.187 поени.