Израснатата трева во дворот на Владата ги „скара“ Џафери и Арсовска: Кој е надлежен да ја искоси?

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Техничкиот премиер Талат Џафери тврди дека косењето на тревата во дворот и околу Владата е обврска на Град Скопје и ја повика Данела Арсовска што поскоро да нареди тоа да се спроведе, но градоначалничката му порача дека ако сака да ги ангажира „Паркови и зеленило“ да косат во дворот на Владата, треба со нив да склучи договор.

Израснатата трева од половина метар во дворот и околината на Владата денеска предизвика расправии помеѓу техничкиот премиер Талат Џафери и градоначалничката Данела Арсовска. На новинарско прашање на денешната прес конференција на Џафери, зошто не е искосена тревата, премиерот одговори дека тоа е обврска на друга институција, поточно на Град Скопје, во чија надлежност, како што рече, е земјиштето околу овој објект.

Притоа, како што посочи Џафери, Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди за работи кои што се надлежност на друга институција. Тој ја повика градоначалничката што поскоро да наложи косење на израснатата трева во дворот на Владата.

Талат Џафери Фото: Слободен печат

 Ние не сме задоволни од тоа што дворот е неуреден, но Владата не може да одвои средства за тоа бидејќи тоа не е во наша надлежност.  За Град Скопје и за градоначалничката одговор дадоа и граѓаните, а тоа го покажаа резултатите од нејзината партија во што секако се гледа незадоволството и на граѓаните – рече Џафери.

По неговата изјава експресно стигна реакција од градоначалничката Арсовска која тврди дека Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури кои му се само нему познати „лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Владата“.

Фото: Официјална Фесбук страна на Данела Арсовска

Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија – вели Арсовска во соопштението со медиумите.

Во 2019 година Владата склучи договор вреден 783 илјади евра за одржување и уредување на зелените површини со фирмата „Триста Груп“, која во наредните три години, поточно до 2022 година, имаше обврска да го одржува зеленилото во Владата, во резиденцијалните објекти и органите на државната управа. По реакциите во јавноста дека за оваа намена ќе се потроши огромна сума пари, тогаш од Владата објаснија дека одржувањето на зелените површини претходно било дел од тендерот за хортикултура, обезбедување, хигиена и тековно одржување, а сега за прв пат постапката се спроведувала посебно, а дека средствата што се предвидени се помали во споредба со оние што се трошеле претходно.

Една година претходно Владата распиша тендер тежок околу 670 000 евра за хортикултурно уредување на објектите на државната управа, за што и тогаш имаше реакции од јавноста во однос на сумата што се троши за оваа намена.

Од Владата сега се очекува да објаснат зошто не предвиделе средства за одржување по истекот на договорот и доколку не е нивна обврска косењето на тревата во сопствениот двор, кој им го одржувал зеленилото во изминатите две години.

Проблем со неискосени треви нема само во дворот на Владата, имаат и граѓаните од цело Скопје, кои на социјалните мрежи постојано споделуваат фотографии од израснато зеленило барајќи „Паркови и зеленило“ и општинските комунални служби да се погрижат за јавните зелени површини, зависно кој за која површина е надлежен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот