Македонија
10. May 2024 - 12:37

Град Скопје: Премиерот од Форино кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори

Од Град Скопје преку писмено соопштение го демантираат техничкиот премиер Талат Џафери кој пред малку на прес-конференција обвини дека Арсовска не го косела дворот на Владата. 

- Ова не е слика што треба да ја имаме за Владата, но тревата е во надлежност на Град Скопје. Ние не сме задоволни од тоа што дворот е неуреден, но Владата не може да одвои средства за тоа бидејќи тоа не е во наша надлежност. А за Град Скопје и за градоначалничката одговор дадоа и граѓаните, а тоа го покажаа резултатите од нејзината партија во што секако се гледа незадоволството и на граѓаните, рече Џафери одговарајќи на новинарско прашање. 

Од Град Скопје во писемно соопштение велат: 

- На денешната прес конференција во Влада, ВД премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати, лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада. 

- Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. 

ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија, се наведува во реакцијата од Град Скопје.