Џафери ја повика Арсовска да ја искоси тревата околу Владата

Техничкиот премиер Талат Џафери на претставувањето на отчетот од 100 дена техничка влада ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, што побргу да нареди косење на обраснатата трева во кругот на владината зграда.

Зградата на Владата е обрасната со трева висока над еден метар. Целиот двор на Владата личи на џунгла и на никого не му пречи тоа, а тоа не беше направено сѐ до денес, иако подолго време траат повиците.

– Дворот на Владата е во надлежност на Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило. Ние ниту можеме ниту смееме да се мешаме во тие надлежности. Затоа да реагира градоначалничката, за која видовме со колку гласови помина на изборите – рече Џафери.

Арсовска со нејзината партија Нова Алтернатива, на вчерашните парламентарни избори освои вкупно 3.438 гласови.

Во ИЕ 1 каде што Арсовска беше носителка и ги вклучува сите скопски општини, освои само 1.571 глас, а во ИЕ 2 каде што беа скопските општини Ѓорче Петров и Сарај, таа доби 1.109 гласови.

Нова Алтернатива имаше листи и во ИЕ3 и ИЕ4.