Внуката на Раде Јовчевски-Корчагин, Калина Јовчевска-Корчагин, и јас, како внука на познатата хероина Вера Циривири-Трена, одлучивме да ги посетиме спомениците на паднатите херои и борци за слобода во нашиот роден град Скопје, свесни дека тие се наоѓаат во секој мал дел на оваа наша страдалничка земја…
Како директни наследници на едно турбулентно и стравотно време, задоени еднакво со љубовта кон земјата, во еден носталгичен лет и занес, говорејќи за ликовите и делата на најзнаменитите наши херои, сфативме дека сите од нив неправедно и нехумано се ставени на страничната сенка во современата историја…

Хероите паднати на македонско тло од дамнина ставени на страничната сенка во современата историја

Да се пишува или да се зборува за хероите паднати на македонско тло од дамнина, од искон, сѐ до поновата македонска историја воопшто не е лесно. Во една неформална средба со Љупчо Димовски, претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, внуката на Раде Јовчевски–Корчагин, Калина Јовчевска-Корчагин, и јас, како внука на познатата хероина Вера Циривири-Трена, одлучивме да ги посетиме спомениците на паднатите херои и борци за слобода во нашиот роден град Скопје, свесни дека тие се наоѓаат во секој мал дел на оваа наша страдалничка земја. На таа долга средба, секој од нас евоцираше спомени, слики и сеќавања, приказни прекажувани од колено на колено, за тоа како се калеа од најраната своја младост борците за денешната слобода. Сите ние тројцата, Љупчо, Калина и јас, заедно како директни наследници на едно турбулентно и стравотно време, задоени еднакво со љубовта кон земјата, во еден носталгичен лет и занес, говорејќи за ликовите и делата на најзнаменитите наши херои, сфативме дека сите од нив неправедно и нехумано се ставени на страничната сенка во современата историја. Секој град има своја историја, а луѓето во него се гордеат со неа. Овој факт неразделно е врзан со обврската таа историја да биде почитувана и пренесувана на младите генерации, објективно и независно од моменталните политички фурии и тенденции.
Во таа семакедонска борба за слобода нашата земја даде неброени жртви, страдалници и херои, кои со својата храброст и младост одлучно чекореа за ослободување од долговековното ропство.

Со што овие борци го задолжија македонскиот народ? Со еден основен факт дека не смееме да ги заборавиме нивниот пат до слободата, нивната храброст во давањето на она најзначајното што го имаа – својата младост и своите животи. Оплакувани и запаметени во нашата богата литература, ние денес го гледаме тој континуитет – како најхрабрите перманентно се спротивставуваа на насилството, со што Македонија и успеа да го зачува својот единствен идентитет.
Факт е дека историјата на македонскиот народ е еден незапирлив и непрекинлив духовен континуитет, кој се пробивал низ нашата милениумска опстојба на овие бришани балкански простори каде што ин континуо владее една рационално необјаснива сила за уништување на македонските херои, но и за македонските големи творби на духот. Затоа кога зборуваме за нашите борци, ние се сеќаваме на Илинден и на АСНОМ – кои, мораме денес да се согласиме, се врвни достигнувања на една генеза на македонското историско и културно искуство низ столетијата.
АСНОМ немаше основа да постои доколку не постоеја и македонските борци и херои, ако тие немаа свој сопствен духовно-историски континуитет, ако не беше гигантска македонската епопеја што Македонците ја создаваа низ историјата, во потрага по самите себеси и по својот сопствен идентитет. Таа духовна супстанција на македонизмот тече низ вековите во еден континуитет.
Македонскиот историски идентитет не ги зема за своја основа боиштата и долгогодишните крвави и безумни битки за своја основа како што е случај со другите држави, таа не ги слика маските на јунаците и предавниците, кои повеќе победувале во тешки битки, ниту пак е опседната со бројката на победничките војни и заземањето туѓи територии. Таа не се гордее со жртвите на другата страна. Не! Напротив, за Македонецот, сопствените херои се херои затоа што први застанаа како штит на сопствениот народ, тие херои се и неговите показатели, во нив како да продолжува да живее духот на Македонија и како да проговорува душата на народот, од далечните хоризонти на една суштинска македонска смисла – длабоко ткаена низ многуте столетија сѐ до оној најзначаен историски датум, кога се создаде АСНОМ. Токму во душата на народот или, јунговски кажано, во нашето колективно несвесно, како да се запишани сите македонски идеи, сите македонски саги, градејќи ја македонската историја како една ретка и вредна, национална икона, токму преку нашите најзнаменити херои и борци за слобода.
Затоа и денес, присетувајќи се на нив како наша историска должност, велиме нека им е света македонската слободна земја, а ние се обврзуваме постојано да говориме за нив.
Да, ние би го ставале акцентот на ова постојано!

Мимоза Рајл