Осврт кон уставните и законски процедури при инаугурација на новоизбраните носители на државните институции

Почитувањето на уставните одредби и законите, во смисла на доследно спроведување на процедурите и редот во една држава, ја чини истата таа да има атрибут на правна држава и со тоа се сигнализира дека се отвора ново поглавје, кое гласи: „Владеење на правото и процедурите во државата“.
Тоа важи и за нашата држава, при што е исклучително важно да се престане со импровизациите и своеволното толкување на правото и процедурите, почнувајќи токму од овој момент на востановување на новите македонски институции: претседател на државата, Собрание на Македонија, Влада и претседател на Владата.
Во таков контекст, професорите по уставно право со кои се консултиравме ни посочуваат на редоследот на дејствата што треба педантно да бидат спроведени и со тоа пред очите на домашната и меѓународната јавност да се претстави Македонија како зрела демократска држава, одржлива да излезе накрај со сите предизвици од сега, па во блиска и подалечна иднина.

Што процедурално треба да се случи во наредниот период?

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, ќе ја закаже седницата за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова откако ќе го добие извештајот од ДИК за конечните резултати од вчерашниот втор круг претседателски избори, информираат од кабинетот на спикерот на парламентот.
Крајниот рок до кога ДИК треба да го достави извештајот е до денеска, во 19 часот. Откако ќе го добие извештајот, Митрески ќе ја закаже инаугуративната седница, која ќе се одржи на 12.5 (недела), во 12 часот. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател, кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.
Гордана Силјановска-Давкова пред пратениците од стариот состав на парламентот треба да даде свечена изјава, по која и започнува да тече нејзиниот мандат.
По инаугурацијата на Силјановска-Давкова, во согласност со новиот собраниски Деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај. Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието, Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот парламентарен состав се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Претседателот на државата, пак, е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да му го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во парламентот. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот му поднесува програма на Собранието и го предлага составот на Владата. Собранието, по предлог на мандаторот и врз основа на програмата, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници ја избира Владата. Д.Ст.