По успешното претставување пред битолската публика, изложбата „Кимоно инспирации“ на реномираниот костимограф и режисер Благој Мицевски доаѓа во Музејот на градот Скопје. Свеченото отворање е вечерва, со почеток во 19.30 часот, а изложбата ќе биде достапна за скопската јавност до 14 мај. Изложбата вклучува дизајнирани костими инспирирани од јапонското традиционално кимоно, кои се повлечени од депото на Народниот театар од Битола од претстави во кои се играле, но исто така и кимона што се направени токму за оваа пригода.
Со ова скопско издание на изложбата „Кимоно инспирации“, организаторот на настанот, „Пагода“, цели кон збогатување на културната програма на градот со повеќе настани во текот на годината со кои ќе се одбележат 30 години од воспоставувањето билатерални односи помеѓу Македонија и Јапонија. Изложбата „Кимоно инспирации“ претставува одличен приказ за тоа како јапонската култура директно ја инспирира креативноста кај нашите уметници и творци.
Свеченото отворање на изложбата ќе се обележи со традиционална презентација на церемонија на чај со Јуко Сакагучи и музички настап на флејтистката Стефана Марковиќ.
Изложбата е поддржана од јапонската амбасада во Македонија, а во организација на „Пагода“, здружение оформено кон крајот на 2023 година од членови на организацискиот тим што стои зад двата нихонџи-фестивали за јапонска култура и дејствува самостојно, залагајќи се за негување значајни пријателства и славење на богатите култури помеѓу Македонија и источноазиските земји.
Благој Мицевски е костимограф, дизајнер, сценограф, режисер и уметнички директор. Дипломирал дизајн на текстил и облека на Технолошки факултет на Универзитетот во Загреб во 1991 година, каде што и ја започнал кариерата. Добитник е на 14 награди за костимографија, а неговата богата кариера ја красат и голем број претстави. Неговата претстава „Без паника“ е наградена со гран при и е една меѓу трите претстави во НТ Битола со сто изведби. Соработувал со врвни режисери и театарски работници во Македонија и на Балканот, но и пошироко. В.Д.