Фото: РФМ

Македонија загуби од Фарските Острови со 27-34 на гости, во првиот бараж-меч за настап на Мундијалот в година. Реваншот е в недела, во Скопје

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025

Машката репрезентација на Македонија в недела (СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, од 19 часот) ќе игра за да дополни седум гола негатива по поразот во првиот натпревар од баражот, на гости, со селекцијата на Фарските Острови, со 27-34 (14-18), за пласман на Светското првенство во 2025 година, кое треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка.
– Фарските Острови беа подобар противник на натпреварот и заслужено победија. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад, каде што бевме принудени да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад технички беше речиси перфектен, иако бевме подготвени за нивниот систем на напаѓање, сепак, истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме докрај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да се обидеме да ја анулираме негативата од седум гола. Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш досега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход в недела – рече селекторот Кирил Лазаров.
Филип Кузмановски со осум погодоци беше најефикасен во македонската селекција на овој прв бараж-дуел, следуваа Марко Митев и Никола Костески со по пет гола, а кај домашната репрезентација најмногу погодоци постигна Елиас Скипаготу, десет.
На СП 2025 ќе играат вкупно 32 репрезентации, од Европа ќе настапат 17 селекции. Директно се пласираа Хрватска, Данска, Норвешка, Франција, Германија и Шведска, а преостанатите 11 учесници од Европа ќе бидат одредени со бараж-натпреварите. Н.М.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025

Фарски О. – Македонија 34-27
Исланд – Естонија 50-25
Грција – Холандија 31-27
Шпанија – Србија 32-28
Романија – Чешка 31-30
Литванија – Унгарија синоќа
Словенија – Швајцарија синоќа
Португалија – БиХ синоќа
Грузија – Австрија синоќа
Италија – Црна Гора синоќа
Полска – Словачка синоќа

реваншите се утре и в недела