Емануел Макрон/Фото: Фејсбук-страница на францускиот претседател

Францускиот претседател ѝ ја честиташе изборната победа на Силјановска Давкова

Францускиот претседател Емануел Макрон ѝ честита на Гордана Сиљановска Давкова за изборот на претседателка на државава.

– Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател – напиша Макрон во објавата на неговата фејсбук-страница.

Макрон во својата објава додава дека Франција останува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.

Силјановска Давкова, исто така во објава на Фејсбук, се заблагодари на честитката на францускиот претседател.

– Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски – наведува Силјановска Давкова.

Воедно, додава таа во објавата, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.


Зеленски ѝ посака успешен и плоден мандат на Силјановска Давкова

На социјалната мрежа Екс, по повод големата победа на Гордана Силјановска Давкова на претседателските избори, се огласи ѝ претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

– Честитки до Гордана Силјановска Давкова за нејзината убедлива изборна победа. И посакувам успешен и плоден мандат. Го цениме нашето силно партнерство и ја цениме поддршката на Скопје за Украина во борбата против руската агресија. Со задоволство очекувам да ја зајакнеме нашата билатерална соработка со цел да ги вратиме мирот и стабилноста во нашата обединета Европа – се наведува во честитката упатена на англиски и на украински јазик.

Силјановска Давкова се заблагодари на честитката на украински, македонски и на англиски јазик.

– Почитуван претседателе Зеленски, денеска кога го славиме Денот на Европа исто така се потсетуваме дека судбината на украинската нација е под закана. Ние ја поддржуваме Украина и ја нудиме солидарноста на сите македонски граѓански за постигнување на праведен мир и вистинска долгорочна безбедност. Ниту една европска нација, која ги споделува и брани заедничките европски вредности, не смее да биде изоставена од европското единство. Очекувам дополнително да ја зајакнеме билатералната соработка и се надевам на брз прием на нашите две земји во ЕУ – се вели во објавата на Силјановска Давкова.