Египет ги повика Хамас и Израел да покажат флексибилност и да постигнат договор за прекин на огнот во Газа што е можно поскоро

by Fokus

Египет апелираше до Хамас и Израел да покажат флексибилност за што поскоро да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи. Египет смета дека преговорите во Каиро не доведоа до договор за прекин на огнот оваа недела, во моментов се во „деликатна фаза“, додека делегациите на Хамас и Израел го напуштија главниот град на Египет, се вели во соопштението.

Во телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја истакна „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да ги направат сите неопходни напори за да постигнат договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа“ соопшти министерството.

Каиро стравува од опасноста израелската операција во Рафах да ја загрози стабилноста и безбедноста на регионот, се додава во соопштението на египетската дипломатија.

Блинкен потврди дека САД се против голема воена операција во Рафа и какво било принудно раселување на Палестинците од Газа, изјави неговиот портпарол Метју Милер.

Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафах и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет, блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија.

Поврзани новости