Ружди ѝ порача на Мелони да „порасне“

Британскиот писател роден во Индија, Салман Ружди, познат по „Сатански стихови“, ги нарече „детски“ правните постапки што ги покрена против своите критичари италијанската крајно десничарска премиерка Џорџа Мелони и ѝ порача да „порасне“.

Говорејќи на Меѓународниот саем на книгата во Торино во четвртокот, Ружди рече дека влијателните политичари треба да бидат способни да се справат со критиките. Со ризик Мелони да поднесе тужба против него, како што рече, ја советуваше да „порасне“.

Ружди алудираше на тужбата што Мелони ја покрена против италијанскиот писател Роберто Савијано, откако тој во едно ток-шоу повеќепати ја нарекуваше со погрден израз. Савијано, познат по својата револуционерна работа нза мафијашката група Гомора е казнет со илјада евра.

Мелони, која ја предводи крајно десничарската партија, презема правни мерки и против другите критичари.

„Политичарите имаат голема моќ и нормално е населението да има цврсти мислења за нив. Затоа е детински да судите и да го гоните некого за употреба на лош збор“, рече Ружди.

Ружди престојуваше во Торино за да го претстави своето најново дело „Нож“, за нападот врз него во американската сојузна држава Њујорк. Остамна слеп на едното око откако беше избоден повеќепати од радикализиран муслимански напаѓач во САД во 2022 година.

Ружди во тоа време не бил придружуван од неговото постојано обезбедувањео, иако живее под полициска заштита од 1990-тите, откако иранскиот врховен верски водач издаде фатва против него поради неговите критички пишувања за исламот. Фатвата, во случајов повик до муслиманите да го убијат Ружди, беше одговор на наводното богохулење во „Сатански стихови“.

Салман Ружди беше нападнат 33 години откако тогашниот врховен ирански водач ајатолахот Хомеини издаде фатва против писателот, повикувајќи ги муслиманите да го убијат него и сите поврзани со издавањето на книгата, неколку месеци по објавувањето на „Сатанските стихови“. Некои муслимани сметаа дека делови од книгата за пророкот Мухамед се бласфемични.

Ружди, кој е роден во Индија во муслиманско семејство во немирната област Кашмир, мина години сокривајќи се под заштита на британската полиција и служби. Прореформската иранска влада на претседателот Мухамед Хатами во 1998 година се огради од фетвата порачувајќи дека повеќе не постои закана за Ружди.

Но наградата од 3,5 милиони долари за убиството на Ружди мотивирала многу радикални исламисти. Покрај тоа, се водеше и религиска полемика дали фатвата може да биде повлечена и кога престанува да важи. Постоеја толкувања дека таа престанува со смртта на оној кој ја издал, но во 2019 година наследникот на Хомеини, иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи беше исклучен од тогашен Twitter (сега Х) откако објави дека фатвата против Ружди е „неотповиклива“.