Кина и Унгарија ја кренаа соработката на „сеопфатно стратешко партнерство“

Кина и Унгарија ќе тргнат на „златно патување“ во билатералните односи, изјави кинескиот претседател Кси Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години.

Во текот на владеењето на десноориентираната партија Фидес на Виктор Орбан, Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји од Европската унија кои размислуваат „да станат помалку зависни“ од втората по големина економија во светот.

По средбата, Кси и Орбан изјавија дека нивните земји го подигнале нивото на соработка на „сеопфатно стратешко партнерство“.

„Сметаме дека ова е нова почетна точка за подигање на билатералните односи и прагматичната соработка на повисоко ниво“, рече Кси.

„Тоа, меѓу другото, значи дека двете земји ја прошируваат соработката и во нуклеарната индустрија“, рече Орбан.

Двете земји, исто така, ќе постигнат напредок во изградбата на клучните проекти, вклучително и проектот за реконструкција на железницата Будимпешта-Белград, рече кинескиот претседател.

Проектот вреден 2,1 милијарди долари, најголемиот дел финансиран со заем од Кина, е дел од Иницијативата „Појас и пат“, амбициозен план започнат од Кси пред една деценија чијашто цел е изградба на глобални инфраструктурни и енергетски мрежи што ќе ја поврзат Азија со Африка и Европа.

Унгарија и Кина, исто така, ќе започнат со подготовки за изградба на брза железница што ќе го поврзува центарот на Будимпешта и нејзиниот аеродром, рекоа министрите на двете земји.

Кина и Унгарија годинава одблежеуваат 75-годишнината од дипломатските односи. Орбан почна да ја приближува својата земја до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.

Кси пристигна во Будимпешта доцна во средата по посетата на Франција и на Србија. Во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го притискаа да обезбеди порамномерна трговија со Европа и да го искористи своето влијание со Русија за да стави крај на војната во Украина.