Почнале првите контакти за состав на Влада – Вреди подготвува работни групи за преговори за Владата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Коалицијата ВРЕДИ се подготвува за влез во Владата. Биљал Касами рече дека денеска лидерите на коалицијата имаат средба на која ќе ги утврдат принципите за идната коалиција. Тој смета дека во текот на неделата ќе бидат комплетирани работните групи кои ќе разговараат за формирање влада, координација на заедничката владина програма и поделба на ресорите. Според Касами, интеграцијата на земјата во ЕУ ќе биде меѓу основните принципи на идната влада.

„ Она што е важно е дека оваа коалиција дополнително ќе ја гарантира интеграцијата на земјата во ЕУ и ќе ги гарантира правата на Албанците бидејќи изборите покажаа дека го добивме мандатот на Албанците да ги претставуваме и да донесуваме одлуки кои се во најдобар интерес на сите граѓани на државата и интеграција во ЕУ“, вели Биљал Касами.

Средба имаше и во ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од Касами кој рече дека „интеграцијата на земјата во ЕУ ќе биде меѓу основните принципи на идната влада“, првиот човек на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека на средбата што утрово ја одржал со сопартијците одлучиле контурите на рамката врз која ќе го градиме потенцијалот на коалицијата со другите партии, каде што „во фокусот на прво место ќе биде народот“. Како трета точка се споменуваат интеграциите.

1. Економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард.

2. Фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда.

3. Реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи.

По инаугурацијата на новиот претседател на државата, новиот парламентарен состав мора да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај. Од друга страна, претседателот во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мора да го предаде мандатот на победникот на изборите, поточно на партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од добивањето на мандатот ја доставува програмата до Собранието и го предлага составот на Владата. Владата на предлог на претставникот и врз основа на програмата го избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.