Незири: Мицкоски брзо ќе формира Влада со Вреди – Мехмети: Вреди треба да внимава на позицијата на Албанците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Доколку коалицијата ВРЕДИ добие покана за во влада од ВМРО-ДПМНЕ, треба да внимава на позицијата на Албанците, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети кој додаде дека треба да се види дали таа ќе се зајакне или ќе ослаби.

„Воопшто не е трагично дури и ВРЕДИ да влезе во Влада, ако има слични политики, или да има политики што може да бидат корисни за нас како граѓани, но ако ВРЕДИ отиде со ВМРО и каже ние ги правиме овие добри работи за Албанците, ние велиме ок, добро. За мене не е проблемот кој од Албанците ќе владее, во смисла на партиите, туку е проблемот во позицијата на Албанците, дали ќе ослабне или ќе се зајакне“, порача Ибрахим Мехмети.

Аналитичарот Џељал Незири во емисијата Дејли Клик изјави дека Христијан Мицкоски наскоро ќе формира стабилна влада. Според него, освоените 58 мандати и обезбедиле комоција на ВМРО ДПМНЕ, додека како албански партнер на владината коалиција, Незири вели дека ја гледа ВРЕДИ.

„И на ДУИ, мислам дека на Европскиот фронт му беше јасно дека ако ВРЕДИ добие повеќе од 10 пратеници, додека ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 50 пратеници, и двете страни успеат да формираат макар минимално мнозинство, тогаш прашањето за Владата е завршено прашање, кога ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници, што и дава за право да ја формира Владата со која сака партија, не само со ВРЕДИ, само со ЗНАМ, или само со Левица, тоа е многу комотна позиција за Мицкоски“, вели Џељал Незири.

Според Незири, Владата ќе се формира без уставните измени, тој е на мислење дека тие ќе се направат малку подоцна.