Деспотовски: Оставки од раководството на СДСМ веднаш, секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Членот на СДСМ и актуелен директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, денеска побара оставки од раководството на СДСМ веднаш, а не со одложено дејство и условени.

Тој во изјава до медиумите вели дека за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

„Како членови на СДСМ носиме огромна одговорност нашата опција, идеја, цел да опстои и да постои и понатаму. Денес сме им потребни на нашите членови и поддржувачи, но и нас самите, ама… веќе утре ќе ѝ бидеме потребни на државата, на сите наши сограѓани. За носење на брзи и квалитетни одлуки ни треба итна сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба само храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз. Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго, а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски.

Тој додава дека на членовите на СДСМ и на поддржувачите, денес им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ.

„Сите се тажни, разочарани, но и уплашени од повторување на некои лоши работи од некои не така далечни минати времиња. Силен и реформиран СДСМ може и мора да ги заштити. Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани“, вели Деспотовски.

Тој нагласува дека вчеравечер била пропуштена огромна шанса да се направи првиот чекор кој, како што вели, почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот.

„По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи, а малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување“, вели Деспотовски.

Инаку, Деспотовски неодамна во емисијата „Дејли Клик“ најави ново партиско раководство по изборите.

На прашање на ТВ21 дали порано требаше да се разговара со Максим Димитриевски за смирување на топката, Деспотовски тогаш кажа:

„Да бидеме реални, ако гледаме како бројка вклучително и тие што ги освои нашиот кандидат, гласачкото тело е тука, и тоа е една охрабрувачка порака за сите оние кои што гравитираат околу СДСМ“, вели Деспотовски.

Тој додаде дека клучното прашање е што треба сега да направат.

„Новото партиско раководство дефинитивно треба да подаде рака кон избирачите, кон нашите членови кои што во првиот круг ,а дел од нив и во вториот круг сега, заокружиле за Максим Димитриевски“, додаде Деспотовски.