Македонија
9. May 2024 - 16:43

Само 18 мандати за СДСМ во Парламентот – дел од партиските функционери поднесоа оставки

Со само 150 илјади гласови освоени на парламентарните избори и добиени 18 мандати, СДСМ го доби најголемиот пораз во изборните процеси досега. Со еден пратенички мандат помалку и од ДУИ, Ковачевски го призна поразот и порача дека ова е тежок удар за социјалдемократите. Иако се очекуваше негово повлекување од позицијата по лошите изборни резултати, наместо оставка повика на конгрес на партијата за избор на ново раководство.

Претседателот не се повлече, ама се нижат оставките на партиските високи функционери на СДСМ. Прв преку видео порака се повлече потпретседателот Фатмир Битиќи, кој побара лична одговорност и од другите функционери.

И актуелниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, преку статус на социјалните мрежи најави дека се повлекува од потпретседателската функција. По него и претседателката на форумот на жени Јована Тренчевска, која според резултатите обезбеди место во новиот парламентарен состав. Не одговори на нашите пораки дали ваквата одлука значи повлекување и од позицијата пратеник. 

- Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ, објави Костадинов.              

- Се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред, појасни Тренчевска.

Оставка поднесе и претседателката на ДОМ Маја Морачанин, која во коалицијата со СДСМ не успеа да стигне до пратенички мандат.           

Разликата од повеќе од 300 илјади гласови и во изборот за претседател, го чинеше Пендаровски заминување од претседателската фотеља во Вила Водно. Директно не ги посочи СДСМ како виновници за неговиот пораз, но знаел дека не уживаат висок рејтинг. Ги обвини ДУИ за организираниот бојкот како причина за изборните резултати.

Според најавите, постапката за избор на ново раководство и органи се очекува да се води во следните два месеца. По објавување на повикот за пријавување на кандидати за претседателската позија, членството ќе одлучува на внатрепартиски избори.