Македонија
9. May 2024 - 16:43

Во недела Силјановска ќе биде инаугурирана за претседателка на државата

Гордана Силјановска Давкова ќе ја добие свечено титулата претседателка на државата во недела напладне. Тоа е и последниот ден од мандатот на Пендаровски. На оваа седница во Собранието кое ќе заседава со актуелниот состав претходи рокот во кој ДИК треба да го испрати финалниот извештај од претседателските избори до Парламентот. 

- Претседателот Митрески ќе ја закаже Инаугуративната седница откако ќе го добие Извештајот од ДИК, рокот е до петок до 19ч. Седницата за инаугурација ќе ја закаже и ќе се одржи на 12 мај во 12 ч. 

Актуелниот претседател Пендаровски го призна поразот и ја честиташе победата на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ. По првичните резултати од изборите рече дека илјадници граѓани биле спречени да го добијат второто ливче и да гласаат за претседател. 

Победничката на претседателските избори упати најголеми честитки до гласачите што покажале граѓански имунитет кој бил посилен од сите притисоци за бојкот на овие избори. Силјановска порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани и портите на нејзината канцеларија ќе бидат отворени за сите. 

По завршување на сите процедури за разгледување на приговорите во ДИК, ќе биде верификуван мандатот на новиот собраниски состав. Рокот за одржување на конститутивната седница на Собранието е 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку тоа не се случи во овој рок, пратениците сами ќе се состанат. 

Десет дена по формирање на Парламентот, претседателката Силјановска Давкова ќе има рок да го додели мандатот за состав на новата Влада. Тоа ќе биде партијата или коалицијата која има мнозинство на пратеници во Парламентот.

Според Уставот, мандатарот ќе има 20 дена рок да поднесе програма и да предложи состав на новата Влада, за која ќе има собраниска расправа и гласање во Парламентот. Според сите законски рокови, Македонија ќе добие нова Влада најдоцна до почетокот на јуни.