Линкови за пристапност

По поразот на СДСМ, дел од партиските функционери поднесоа оставки


СДСМ Централен одбор
СДСМ Централен одбор

По катастрофалниот пораз на СДСМ на парламентарните и претседателски избори, дел од партиските функционери, поднесоа оставки од високите функции во партијата на кои се наоѓаа. Меѓу нив се и двајцата потпретседатели, Фатмир Битиќи и Перо Костадинов. Битиќи вели дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, вели Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ.

Фатмир Битиќи
Фатмир Битиќи

Тој повикува СДСМ повторно да се врати меѓу граѓаните, да го слушнат нивниот пулс и разберат нивните потреби, но да се вратат и на социјалдемократски вредности.

„Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија. Нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквост“, додава Битиќи.

На реформи во СДСМ повика и потпретседателот Перо Костадинов, кој исто така се повлече од партиската функција.

Пeро Костадинов
Пeро Костадинов

„По изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја. Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходна на општеството. Како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, ја гарантира слободата на граѓаните и никогаш не поттикнува меѓуетнички судири, како столбови на нашиот опстанок“, вели Перо Костадинов, потпретседател на СДСМ.

Од функцијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ се повлече Јованка Тренчевска, која беше министерка за труд и социјална политика.

Јованка Тренчевска
Јованка Тренчевска

„Од партиските структури се повлекувам целосно. одговорно и самосвесно, со сигурност дека не сум ја изневерила довербата која ми е дадена, а од денес во СДСМ нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери. Јас верувам во моите социјалдемократи и знам дека промените ќе бидат на подобро“, рече Тренчевска.

Но Јован Деспотовски, член на СДСМ и директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, вели дека не се потребни условени оставки.

Јован Деспотовски
Јован Деспотовски

„Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат доколку и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема де трае предолго а штетата нема да стане ненадоместлива“, вели Деспотовски.

Деспотовски вели дека на членовите и поддржувачи на СДСМ им е повеќе од потребен консолидиран и свесен СДСМ. Додава дека за носење на брзи и квалитетни одлуки треба итна и сериозна анализа, која не треба да се одолговлекува. Но, за првиот чекор кон овие одлуки треба храброст кај врвот да се прифати реалноста на овој пораз.

„Силен и реформиран СДСМ ќе биде надеж за сите граѓани. Вчеравечер пропуштивме огромна шанса да го направиме првиот чекор кој почнува со одговорност, со име и презиме, почнувајќи од врвот. По статутот, тоа ќе отвори веднаш простор за поширока анализа на причините за овој пораз. За одговор на прашањата: Каде исчезна онаа енергија од пред 7 години? Дали ветивме многу работи а, малку исполнивме? Каде се стопи довербата и како се загуби сета онаа надеж кај луѓето? Признанието дека имаме огромен проблем е прв чекор за негово надминување“, додава Деспотовски.

Од претседателската функција замина и Маја Морачанин, претседателка на партијата ДОМ, коалиционен партнер на СДСМ.

Маја Морчанин
Маја Морчанин

„Како израз на етичка и морална одговорност, поднесувам оставка од функцијата претседателка на ДОМ. Во најкус можен рок, согласно Статутот на ДОМ, ќе организираме конгрес на кој ќе биде избран новиот претседател и раководство на ДОМ. Знам дека ДОМ ќе продолжи посветено да се бори за спроведување на зелените политики во Македонија“, вели Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, веќе најави реформи во партијата и анализа на изборниот резултат. Повика на внатрепартиски избори на сите нивоа, почнувајќи од претседателот на партијата. Најави свикување и на т.н отчетен конгрес.

XS
SM
MD
LG