Осигурителните компании во систем ги имаат старите цени на полисите за автоодговорност, кои важеа до пред 24 мај, кои оттогаш и сè до денеска беа зголемени за 15,4 проценти.

Taка, полисата за осигурување за 44 до 55 киловатно возило чини 5.453 денари, од 55 до 66 киловати изнесува 6.166 денари, а за возило кое е од 66 до 84 киловати цената е 7.134 денари, додека за возило од 84 до 110 киловати цената се враќа на старо 8.510 денари, а за возила над 110 киловати изнесува 10.294 денари.

Од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување го оценија како „неоправдан чекор на осигурителните компании“.

Во предлогот до Министерството за финансии, АСО побара да се иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност и со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Од Националното биро за осигурување посочија дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени и сметаа дека порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција.

Од Владата потсетија дека тарифникот на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица два пати бил доставен на одобрување, но два пати и не бил одобрен. Затоа Владата пресече и усвои измени и дополнувања на тарифникот со кој се утврдува опсег од 15 до 30 проценти во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.

За износ на трошоците над 30 проценти, предвидено е друштвата за осигурување да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Дополнително е утврдено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.

Стопанската комора на северозападна Македонија ја оквалификува одлуката на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност како неподдржувачка на бизнисот и економската благосостојба.

– На многу бизниси им е потребно да се поддржуваат на возила за извршување на нивните активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоки цени на полисите за осигурување на автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се суштински двигатели на економскиот раст – соопштија од Комората.

Според СКСЗМ, амбиентот за водење бизнис станува дестимулирачки за локалните компании како и за странските инвестиции, со што, како што велат „се оставаат долгорочни последици, но и во спротивност на ЕУ со законодавниот систем кој се уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување на автомобили.

– Со оваа донесена одлука од страна на Комисијата за автоодговорност се ограничуваат ингеренциите на другите релевантни фактори како што се компаниите, со која цените за автоодговорност се контролираат целосно од државата – соопштија од Стопанската комора на северозападна Македонија.