Паднав во бесознание кога водев љубов со Трамп, сведочеше Сторми Даниелс на неговото судење

1513

Порноѕвездата Сторми Даниелс приредила шоу во судница сведочејќи на судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводниот поткуп што го добила од него за да не ја открие нивната сексуална афера пред изборите.

Опишувајќи ја аферата со Трамп со лежерен и разговорен тон, како што пренесува Си-ен-ен, таа била толку експлицитна, што судијата во неколку наврати ја прекинувал.
Додека актерката во филмови за возрасни во детали раскажувала за тоа што правела со Трамп и потврдила дека неговиот адвокат ѝ понудил пари за да молчи, тој сето тоа упорно го негира.

Според исказот на Даниелс, што го пренесува телевизијата, средбата со Трамп се случила на турнир во голф на познати личности, а со него спиела во неговата хотелска соба која ја опишала во детали, од бојата на подот и масата до содржината на неговиот тоалетен прибор во бањата.

Во еден момент во судот, Даниелс ја зафрлила раката наназад и ја подигнала ногата во боксот за сведоци за да ја долови позата на Трамп во хотелскиот кревет, каде што лежел само во долна облека кога таа излегла од бањата, пренесе Си-ен-ен.

– Трамп застана меѓу мене и вратата. Не на заканувачки начин. Тој не дојде кај мене, не брзаше кон мене. Ништо такво. Ги соблеков облеката и чевлите. Го извадив градникот. Бевме во мисионерска поза. Јас се онесвестив додека водевме љубов, сведочела Даниелс.

Тука судијата Хуан Мерчан ја прекинал првпат, а потоа и тој и адвокатите на Трамп имале уште неколку приговори на нејзиното сведочење.
Адвокатите на Трамп тврделе дека Даниелс ја насочува поротата и барале да прекине, но судијата го одбил барањето. Тој сепак додал дека некои од деталите на Даниелс „подобро е да останат недоречени“.

Порноактерката продолжила да сведочи и кажала дека се тресела додека се облекувала и се погрижила и понатаму да има состаноци со Трамп во јавност. Исто така, рекла дека додека на многу луѓе им кажала за запознавањето со Трамп и за одењето во неговата хотелска соба, на многу малку луѓе им се доверила за сексуалната средба, делумно затоа што, како што рекла, се засрамила.

Даниелс, исто така сведочела дека Трамп и неговиот поранешен адвокат ѝ нуделе пари пред претседателските избори во 2016 година. Додала дека од адвокатот добила 130.000 долари за да молчи. Сега таа признава дека лажела кога во 2018 година рекла дека немала афера со Трамп.

Трамп претходно се изјасни за невин по обвиненијата дека ги фалсификувал деловните записи за да ја прикрие исплатата на неговиот поранешен адвокат од 130.000 долари на Даниелс, за нејзиниот молк пред изборите во 2016 година.