Македонската ракометна репрезентација претрпе убедлив пораз од 34:27, на првиот натпревар од бараж двомечот против Фарски Острови, за пласман на Светското првенство 2025 година. Домаќинот целосно нè надиграа во Торсхавн и од првата па се до последната секунда имаа водство за висок триумф пред гостувањето во Скопје.

По овој пораз, нашата селекција ќе мора да победи со најмалку осум гола или седум доколку бидат постигнати помал број погодоци на втората средба, доколку сака да ја продолжи низата пласмани на големите собири.

Селекторот Кирил Лазаров истакна дека не очекувал ваква игра на противникот, па бил приморан да игра „седум на шест, но исто така се надева дека може да се анулира високата негатива на вториот меч во СЦ „Борис Трајковски“.

  • Фарски Острови беше подобар противник на првиот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во напад, каде што бевме принудени да играме „седум на шест“, многу време, а не сакавме да играме на тој начин. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анулираме негативата од седум гола, истакна селекторот на Македонија.

Лазаров исто така ја повика публиката за мечот во недела, а несомнено е дека поддршката од навивачите е повеќе од потребна.

  • Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела, додаде Лазаров.

Пласман на СП веќе обезбеди селекцијата на Исланд, која беше подобра од Естонија со 50:25, додека се уште е неизвесно на дуелите Грција – Холандија (31:27), Романија – Чешка (31:30), Шпанија – Србија (32:28).