Израелските сили се групираат во предградијата на Рафах

Израелските сили трупаат тенкови во близина на изградените делови на палестинскиот град Рафах во четвртокот, известија борците на движењето Хамас и локалните жители, откако американскиот претседател Џо Бајден се закани дека ќе го ускрати оружјето за Израел доколку започне голема копнена офанзива врз јужниот град палестинската енклава Појасот Газа.

Хамас и Исламски џихад објавија дека нивните борци ги нападнале израелските сили во источните предградија на Рафах со противтенковски гранати и минофрлачи.

Жителите на источниот дел на Рафах, единствената голема урбана област во Појасот Газа во која сè уште не влегле израелските копнени сили, рекоа за Reutres дека можеле да слушнат експлозии од борбите меѓу палестинските борци и израелските единици кои се приближуваат кон градот.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIА), Вилијам Барнс, се врати во египетската престолнина Каиро од Ерусалим и ги продолжи состаноците со посредниците во преговорите за прекин на огнот, изјавија два египетски безбедносни извора. Во средата Барнс се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим.

Американскиот претседател Џо Бајден наводно извршил силен притисок врз Израел да се воздржи од сеопфатен напад врз Рафах, каде што 1,5 милион Палестинци, односно повеќе од половината од 2,4 милионското население на разорената енклава се засолнија од другите делови на Појасот Газа.

Израелски тенкови во вторникот го зазедоа граничниот премин Рафах од Појасот Газа кон Египет, прекинувајќи ја клучната рута за хуманитарна помош и принудувајќи 80.000 луѓе да избегаат од местото, според Обединетите нации. Израел тврди дека мора да го нападне Рафах за да ги победи борците на Хамас за кои тврди дека се таму.

„Јасно кажав дека нема да испратам оружје ако го нападнат Рафах“, рече Бајден во интервју за теелевизијата CNN во средата.

Американските власти соопштија дека Вашингтон ја запрел пратката од 1.800 бомби од 1.000 килограми и 1.700 бомби од 250 килограми за Израел поради ризикот за цивилите во Појасот Газа. Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан изјави во четвртокот дека одлуката значително ќе ѝ наштети на способноста на Израел да ги неутрализира силите на Хамас, објави израелското јавно радио.

Во четвртокот Израел продолжи да го напаѓа Појасот Газа со тенкови и од воздух. Тенковите напредуваа во населбата Зејтун во градот Газа, принудувајќи стотици семејства повротни да бегаат, велат жителите. Израелската армија објави дека го „обезбедува“ квартот и дека започнала воздушни напади врз околу 25 цели.

Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, стана засолниште за стотици илјади луѓе кои побегнаа од Рафах последните денови. Палестинските лекари соопштија дека две лица, меѓу кои и една жена, загинале кога дрон истрелал ракета врз група луѓе таму.

Во меѓувреме, од вторникот во Каиро се водат преговори меѓу Хамас, Израел, САД, Египет и Катар.

Повикувајќи се на извор запознаен со преговорите, египетската телевизија Al Kahera во четвртокот објави дека се работи на решавање на спорните прашања и дека има индиции дека ќе биде постигнат договор, без да наведе поединости.

Но, Изат ал-Решик, член на политичката канцеларија на Хамас во Катар, во средата навечер изјави дека Хамас нема да се согласи на ништо повеќе од предлогот што го прифати во понеделникот. Тоа би вклучило ослободување на некои израелски заложници што ги држи во Појасот Газа и палестински деца и жени кои се затвворени во затворите во Израел.

„Израел навистина не сака да склучи договор и ги користи преговорите како покритие за инвазија на Рафах и окупирање на преминот“, изјави ал-Решик.

Израел претходно оваа седмица соопшти дека предлогот за прекин на огнот, прифатен од Хамас, е неприфатлив за евврејската држава затоа што бил „разводнет“.
САД во вторникот соопштија дека новиот предлог на Хамас треба да го надмине ќор-сокакот во преговорите, тврдејќи дека двете страни не се премногу далеку во нивните позиции.

Израелската копнена офанзива на Рафах ќе резултира со хуманитарна катастрофа, предупредуваат ОН, жителите на Газа и хуманитарните организации.