Македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на 13. издание на меѓународниот филмски фестивал „Џулиен Дубјук“. На фестивалот, кој се одржа од 24 до 28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани над 150 филма од целиот свет, вклучувајќи и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
– Она што го издвојува овој фестивал од другите е неговиот силен фокус на заедницата. Филмаџиите се поканети да останат во домовите на локалните жители, кои ги отвораат своите врати за нив. Фестивалот нуди и бесплатен превоз до проекциите и знаменитостите во општината, како и бесплатна храна за сите филмаџии. Бидејќи повеќето места се во непосредна близина, учесниците можат лесно да се сретнат и да воспостават нови контакти. Фестивалот е признаен како еден од врвните настани од ваков вид, добивајќи место на листата на „Муви мејкер“ на „Педесет филмски фестивали вредни за влезница во 2024“ и е меѓу топ 100 најдобро рангирани фестивали на „Филм фривеј.ком“ – велат од продукцијата.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството што доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија.
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев и Илија Циривири.