Иран најави промена на својата нуклеарна доктрина доколку се почувствува загрозен

Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина доколку Израел би го загрозил како што се заканува, изјави советникот на врховниот водач на Иран, Камал Харази, предизвикувајќи загриженост за иранското нуклеарно оружје.

„Не планиравме да изработиме нуклеарна бомба, но ако опстанокот на Иран е загрозен, нема да имаме друг избор освен да ја промениме нашата воена доктрина“, рече Харази објави во четвртокот иранската Студентска новинска мрежа (SNN), додавајќи дека Техеран веќе дал до знаење дека има потенцијал за изработа на такво оружје.

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи го забрани развојот на нуклеарно оружје со фатва на почетокот на 2000-те, повторувајќи ја својата позиција во 2019 година, кога изјави дека „изработката и складирањето нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (религиски забранета)… Иако имаме нуклеарна технологија, Иран решително ја избегнува“.

Но, во 2021 година, тогашниот ирански министер за разузнавање рече дека притисокот на Западот може да го принуди Техеран да работи на нуклеарно оружје.

„Во случај ционистичкиот режим (Израел) да ги нападне нашите нуклеарни постројки, ние повеќе нема да се двоумиме“, додаде Харази.

Во април, Иран и Израел го достигнаа највисокот ниво на тензии, при што Техеран директно лансираше околу 300 проектили и беспилотни летала кон Израел како одмазда за израелскиот напад врз комплексот на иранската амбасада во сириската престолнина Дамаск, кој резултираше со седум жртви, меѓу кои два високорангирани офицери на иранската војска.

Иран ги развива своите нуклеарни постројки во последниве години, тврдејќи дека тие служат чисто цивилни цели. Израел, според неофицијални западни процени, иако ниту потврдува ниту демантира, поседува неколку стотици нуклеарни бомбри.

По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран потпиша нуклеарен договор во 2015 година со кој драстично се ограничува збогатувањето ураниум и ја овластува Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да врши строги инспекции.

Меѓутоа, САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп кој бараше договорот да се прошири и на иранската ракетна програма и ги вратија децениските санкции за Иран. Откако земјите од ЕУ потписнички на договорот од Виена не успеаја да ја заштитат иранската економија од влијанието на американските санкции и европските компании мораа да се повлечат од инвстициите во Иран, Техеран почна постепено да ги суспендира своите обврски од меѓународниот нуклеарен договор и да збогатува ураниум и се приближи до чистотата за оружје, како и ограничувањето на инспекциите на МААЕ.

Неодамна, поранешни водечки ирански политичари навестија дека земјата сега е технички способна да развие нуклеарно оружје.