Генералот Михајло Апостолски (во средина, меѓу двата офицери во униформа) при свеченото поставување на спомен-обележјето на антифашистичката борба во близината на граничниот премин со Бугарија кај Ново село

Денеска, кога се одбележува 9 Мај како Ден на победата над фашизмот, Македонија како нација, држава и општество не смее да го заборави своето антифашистичко минато, бидејќи државното и национално обособување на македонскиот народ оди неразделно со нашето унисоно, севкупно и безрезервно активно учество во победата над фашизмот. Остварувањето на една таква вековна визија заврши со мисијата на таа генерација Македонци и тоа не се изневерува, ниту смее да се предаде! Ниту некој смее да ни го одземе, одземајќи ни го македонскиот национален супстрат и асимилирајќи го како свој, а за нас – туѓ! Така само се фалсификува историјата…

Повод: Македонскиот народ и Денот на победата над фашизмот

Победата над фашизмот е неразделно поврзана со современата македонска држава, впрочем, македонското национално движење ја доживува својата кулминација во Втората светска војна, кога македонскиот народ ѝ се придружува на антифашистичката коалиција предводена од Советскиот Сојуз и од Соединетите Американски Држави. Антифашистичките определби на македонскиот народ се неразделно поврзани со националните стремежи за сопствена држава, ова е очигледно од рефератот „Борба против окупаторот“ произлезен од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, во кој се вели дека „големиот антифашистички фронт е единствениот пат за спечалување на македонското правото самоопределување“.
Но Народноослободителната и антифашистичка борба не беше само борба за македонска државност. Македонските партизани влегуваа во директни судири со армиските и безбедносните сили на царска Бугарија и на Кралството Албанија, сојузници на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, поради нехуманите постапки на бугарските окупаторски власти, како што беше депортацијата на македонската еврејска заедница во концентрационите логори или убиството на 12 младинци од Ваташа. Македонските партизански единици војуваа против „Бали Комбетар“, албанска ултранационалистичка и профашистичка организација, затоа што припадниците на оваа воена формација го тероризираа цивилното македонско и албанско население, како што беа палењето на селата Малкоец, Попоец, Лактиње, Црвена Вода и Мешеишта или масовните убиствата на муслиманите во Радолиште.
Македонската антифашистичка борба беше во корелација со солидарноста, еднаквоста и слободата, а ова особено е видливо во решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно тело на демократска Македонија, во кое меѓу другото се вели дека „АСНОМ го образуваат народните представители, без разлика на народност, вероисповедание, пол, раса и политическо-партијска припадност“ или декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, во која се нагласува дека на „националните малцинства на Македонија се осигурават сите права на слободен национален живот“.

Од антифашистичката борба произлегоа одлуките на АСНОМ за државно и национално обособување на македонскиот народ. Впрочем, одлуката од 2 август 1944 година за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава ќе беше невозможен без победата над фашизмот. Ова е особено значајно ако се земат предвид нечовечните политики на царска Бугарија и Кралството Албанија кон македонскиот народ, како што се обидите за асимилирање на Македонците преку образовниот систем и содржини или наредбата за зборување само на албанскиот јазик со цел македонското населението постепено да се албанизира.
Затоа генералот Михајло Апостолски вели дека „Народноослободителната борба беше условена од длабоките национални и хумани чувства и интереси и од силниот стремеж за слободен живот на македонскиот народ па според тоа претставува природно продолжување на долготрајната борба за национално ослободување“.
Денеска, кога се одбележува Денот на победата над фашизмот, Македонија како нација, држава и општество не смее да го заборави своето антифашистичко минато, како што беше примерот во Охрид кога се нарушија автентичноста и оригиналноста на куќата во која на 26 и 27 ноември 1941 година, бугарскиот воен суд ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање оружено востание против бугарскиот фашистички окупатор.

Неколкумина историчари повеќепати досега нагласија дека не смееме да ги занемариме спомен-обележјата на антифашистичката борба, но и посочија на одредени апсурдности, како што беше исчезнувањето на зборот фашистички од неколку споменици и спомен-обележја, како што беше примерот со споменикот на граничниот премин кон Бугарија кај Ново Село, кога од натписот „Вишнејки се горостасно борејки се со бугарскиот окупатор во февруарскиот поход и пролетната офанзива партизанските слободољупци гинеа и тие да живеат и бидат врежани во слободната иднина со крвави лузни носени по оваа македонска врвица каде и последниот наш цар отстојувањето го издигнал со очите на своите воини“ беше отстранет зборот фашистички.
Во еден подолг период, македонското општество е сведок на одредено оживување на фашистичките пројави, како што беше именувањето културен центар во Битола според Ванчо Михајлов или преименувањето на неколку улици, односно именувањето на улица според Суљо Отља, воен командант на „Бали Комбетар“ и борец против македонското антифашистичко движење. За овие пројави неколкумина истакнати интелектуалци и универзитетски професори предупредија и укажаа дека се во спротивност со антифашистичките основи на македонската држава.

– Иван Михајлов не е контроверзна личност, не постои никаква контроверзност дека бил во НДХ. Дека соработувал со нив. Не е контроверзно дека соработувал со Мусолини, во Италија и умира. Дали можеме ние да именуваме клуб според Адолф Хитлер, на што ќе личи тоа? Или во Хрватска да именуваме клуб според Анте Павелиќ? Може да се забрани некој клуб што е именуван според некој фашист. Не е проблемот што е Бугарин или бугарски фашист, туку дека е фашист – нагласи Љубомир Цуцуловски.
Денеска, кога се одбележуваат 79 години од победата над фашизмот, како нација и општество треба да се обединиме околу антифашистичкото минато бидејќи тука се наоѓаат темелите на македонската држава, но и да ги осудиме сите пројави на фашизам, кои се спротивни од македонската политичка и општествена сушност. Д.Ст.