Од компанијата наведуваат дека одлучиле да го прекинат производството, меѓу другото, поради финансиската состојба, но и поради фактот што речиси 80 отсто од еколошките проблеми се предизвикани од емисиите од постројката на кокс

„Арчелор Митал“ – Зеница ги затвори погоните за производство во „Коксара“

Во обид да ги намали загубите, индиско-британската компанија „Арчелор Митал“ – Зеница ги затвори погоните на „Коксара“, објави компанијата, најавувајќи дека ќе вложи максимални напори за да обезбеди долгорочна одржливост на производството на челик во Зеница.
Од компанијата наведуваат дека одлучиле да го прекинат производството, меѓу другото, поради финансиската состојба, но и поради фактот што речиси 80 отсто од еколошките проблеми се предизвикани од емисиите од постројката што работи со кокс. (Кокс е еден вид јаглен што се користи во т.н. високи печки во челичната индустрија. Коксот се произведува со сува дестилација на јаглен при што станува вредно гориво во металургијата. Го нарекуваме и вештачки јаглен бидејќи настанал со преработка на природни материи).
Интегралното производство на челик, посочуваат од компанијата, долгорочно нема да дојде во прашање.
Работниците на таа постројка („Коксара“, околу 200 луѓе) треба да бидат соодветно згрижени или во производни погони на „Арчелор Митал“ во Зеница или во други погони на оваа компанија во Европа – Германија, Франција и Полска, изјави претседателот на синдикатот на работниците „Арчелор Митал“ во Зеница, Рашид Фетиќ.
Компанијата „Арчелор Митал“ – Зеница неодамна ги објави финансиските резултати за 2023 година, според кои, компанијата забележала нето-загуба од 80 милиони евра. Оттаму велат дека затворањето на „Коксара“ е тежок удар за оваа компанија.
Нето-добивката во 2022 година изнесувала 20,5 милиони евра, а во 2021 година добивката изнесуваше повеќе од 100 милиони евра.
– Акумулираните загуби на крајот на 2023 година изнесуваат 100,5 милиони евра, што претставува намалување на капиталот на компанијата за 45 отсто. Долгорочните корпоративни обврски на компанијата се зголемија на 40 милиони евра на крајот на 2023 година, во споредба со 10 милиони на крајот на 2022 година – истакнаа од компанијата АМЗ.
Најголеми фактори што влијаеле на финансиското работење на компанијата во 2023 година, посочуваат, биле пратката на готови производи, која била на најниско ниво во последните 14 години, поради помалата побарувачка од 12 отсто во однос на претходната година, зголемувањето на цената на струјата за 20 отсто, значителниот пораст (10 милиони евра) на трошоците за плати за 16 отсто во однос на претходната година, како резултат на Гранскиот колективен договор, и еднократниот бонус договорен при преговорите со Синдикатот и претставници на Владата на Босна и Херцеговина за прекин на генералниот штрајк.
„Арчелор Митал“ – Зеница, инаку, е најголемиот производител на т.н. долги челични производи на Балканот со производствен капацитет од речиси еден милион тони годишно, како и најголем странски инвеститор во земјата со околу 2.000 вработени.
Индиректно вработува околу 12.000 луѓе, како што е наведено на веб-страницата на компанијата, имајќи предвид дека соработува со 550 локални доставувачи. К.М.


За „Арчелор Митал“ – Зеница

„Арчелор Митал“ – Зеница е најголемиот производител на т.н. долги челични производи на Балканот, со производствен капацитет од речиси еден милион тони годишно. „Арчелор Митал“ беше најголем странски инвеститор во Босна и Херцеговина. Тој се смета за еден од клучните двигатели на економијата во Босна и Херцеговина. Според статистичките податоци, придонесува со 2,3 отсто во БДП на Босна и Херцеговина.
Фабриката има интегрирано производство на челик, со употреба на железна руда, а процесот се одвива во кокс-печка, висока печка, како и во челичарница, додека готовиот производ се произведува во валаници.
„Арчелор Митал“ – Зеница главно користи железна руда од Приедор и на тој начин обезбедува 900 вработувања во тамошниот рудник.