Путин: Русија нема да дозволи глобален конфликт

Русија ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да спречи „глобален судир“, но нема да дозволи никакви закани кон неа, рече рускиот претседател Владимир Путин во своето обраќање на воената парада во Москва на прославата на 79-годишнината од победата над нацистичка Германија.

Путин истакна дека руската војска е „секогаш на готовност“ и подготвена да го брани суверенитетот на земјата.

„Западот би сакал да ги заборави лекциите од Втората светска војна, но ние се сеќаваме дека судбината на човештвото беше решена во грандиозните битки во близина на Москва и Ленинград“, како и во други градови, рече Путин.

Тој истакна дека Русија „доживува тежок период на пресвртница“ во својата историја, истакнувајќи дека судбината на земјата зависи од секој Русин. „Овој Ден на победата го славиме во услови на специјалната воена операција – сите нејзини учесници, оние кои се на фронтот – тие се нашите херои. Се поклонуваме на нивната истрајност и пожртвуваност. Цела Русија е со вас“, изјави Путин.

Рускиот лидер истакна дека земјата се сеќава на сите оние кои ги загубија животите во борбата против нацизмот и оние кои беа убиени за време на конфликтот во Украина. Тоа беше одбележано со едноминутно молчење.

„9 мај е секогаш многу емотивен, потресен ден… Денот на победата ги обединува сите генерации. Одиме напред врз основа на нашите вековни традиции и уверени сме дека заедно ќе обезбедиме слободна, безбедна иднина за Русија“, истакна Путин.

Воени паради и други настани за прослава на Денот на победата се одржуваат во над 300 градови низ Русија. Веќе повеќе од една деценија, прославата вклучуваше и масовен цивилен марш познат како Бесмртниот полк, во кој луѓето носат портрети на нивните роднини кои се бореле против нацистите за време на војната. Оваа година церемонијата беше откажана поради безбедносни причини.