НБА: Јокиќ повторно МВП на лигата

Никола Јокиќ е прогласен за најкорисен играч на сезоната во НБА лигата, а за 29-годишниот српски центар тоа е трето МВП признание во последните четири сезони.

Јокиќ доби 926 поени во гласањето и убедливо победи пред ѕвездата на Оклахома Сити Тандер, Канаѓанецот Шај Гилџеус-Александер, додека трет беше Словенецот Лука Дончиќ, а четврти Гркот Јанис Адетокумбо. Последен американски МВП беше Џејмс Харден во 2018 година.

Јокиќ сезонава имаше просек од 26,4 кошеви, 12,4 скока и 9 асистенции, заедно со 1,4 украдени топки и 0,9 блокади. Тој шутираше одлични 58 отсто од поле, 36 отсто за „тројка“, додека 82 отсто од обидите ги реализираше од линијата за слободни фрлања.

Неговиот тим Денвер Нагетс ја заврши регуларниот дел од сезоната со клупски рекорд од 57 победи и 25 порази, но Нагетс имаат тешка задача да ја одбранат титулата, бидејќи треба да ја надополнат негативата од 0-2 против Минесота Тимберволвс, која ги победи дватапати во Денвер, во полуфиналето во Западната конференција.