Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денот ја одбележува 100-годишнината од првиот меѓународен фудбалски турнир во историјата со претставување на сите региони, кој се одржа на 25 мај 1924 година за време на ЛОИ во Париз

Обединетите нации го прогласија
25 мај за Светски ден на фудбалот

Љубителите на фудбалот низ светот сега ќе имаат ден за славење на најпопуларниот спорт во светот секоја година, 25 мај. Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) усвои резолуција, со која 25 мај е прогласен за Светски ден на фудбалот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Денот ја одбележува 100-годишнината од првиот меѓународен фудбалски турнир во историјата со претставување на сите региони, кој се одржа на 25 мај 1924 година за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) одржани во Париз (Франција), се вели во резолуцијата. Генералното собрание, составено од 193 члена, ја усвои резолуцијата со консензус. Таа беше коспонзорирана од повеќе од 160 земји, пишува АП.
Резолуцијата го признава „глобалниот досег на фудбалот и неговото влијание во различни сфери, вклучувајќи ги и трговијата, мирот и дипломатијата, и признавајќи дека фудбалот создава простор за соработка“, пишува АП. Таа, исто така ги препознава „фундаменталната улога“ на меѓународното раководно тело на фудбалот, Светската фудбалска федерација (ФИФА), и важната улога на регионалните и националните фудбалски федерации, како и релевантните асоцијации, во промовирањето на играта. Резолуцијата ги охрабрува сите земји да ги поддржат фудбалот и другите спортови како алатка за промовирање на мирот, развојот и зајакнувањето на жените и девојките, и ги охрабрува земјите да усвојат политики и програми за промовирање на фудбалот и другите спортови и физички активности, а на 25 мај, резолуцијата ги „поканува“ сите нации, телата на ОН, меѓународните организации, академската заедница, граѓанското општество и приватниот сектор да го одбележат Светскиот ден на фудбалот во согласност со националните приоритети „и да ги шират предностите на фудбалот за сите, вклучувајќи и преку едукативни и активности за кревање на јавната свест“, пишува АП. Н.М.