Четири членки на ЕУ размислуваат да ја признаат Палестина на 21-ви мај

Ирска, Шпанија, Словенија и Малта размислуваат за признавање на палестинска држава на 21-vi мај, објави ирската државна телевизија. RTE News во средата навечер објави дека разговорите меѓу Даблин, Мадрид, Љубљана и Ла Валета за потенцијално заедничко признавање на палестинската државност се интензивирани.

Ирската телевизија тврди дека земјите чекаат гласање на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 мај што може да го отвори патот на Палестина за членство во организацијата.

Четирите земји во заедничката изјава на 22-ри март соопштија дека се договориле за првиот чекор кон признавањето на Палестина.

Шпанија и Ирска долго време се застапници на правата на Палестинците. Оваа иницијатива доаѓа во време кога меѓународната заедница повикува на прекин на огнот и долгорочно решение за мир во регионот поради големиот број цивили убиени во израелската офанзива на Газа.

Од 1988 година, палестинската држава е призната од 139 од 193 членки на Обединетите нации.

Израел тврди дека планот на четирите европски земји е „награда за тероризмот“ што ќе ги намали шансите за мировни преговори во Газа.

Членките на Советот за безбедност на ОН на 12-ти април не успеаја да се договорат за барањето на Палестина за полноправно членство во светската организација, изјави амбасадорот на Малта, земјата која во април претседава со Советот за безбедност. Сепак, немањето консензус не ја спречува земјата-членка да го поднесе прашањето до Советот за безбедност на гласање.

Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите нации до крајот на април, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.

Во септември 2011 година, претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. Во ноември 2012 година, Палестина доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестина на почетокот од април го ажурираше своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН, укажувајќи на израелската офанзива во Газа, а ова тело почна процес на разгледување на барањето.