фото: Маја Јаневска-Илиева

Вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори би можеле да имаат клучно влијание врз надежите на оваа сиромашна балканска земја за пристап во Европската Унија, пишуваат франкофонските медиуми

Франкофонскиот печат за двојните избори во Македонија

Македонија повторно се врати во францускиот и франкофонскиот печат, две недели по првиот круг на претседателските избори. На двојните избори се очекува победа на опозицијата од десницата, што според „Еуроактив“ би значело дека враќањето на опозицијата на власт „ќе ги оживее тензиите со соседните Грција и Бугарија“, нагласувајќи ја позицијата на Софија, која, според споменатиот медиум, „ги постави своите услови да ги унапреди пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ“.
Како илустрација на оваа претпоставка од „Еуроактив“, медиумот го пренесува ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој „одби да го признае новото име на земјата како Северна Македонија во согласност со ’историскиот договор’ потпишан во 2018 година со Грција за ставање крај на долготрајната расправија меѓу Скопје и Атина. Тој исто така вети дека ќе покаже цврстина во ќор-сокакот меѓу Скопје и Бугарија, кои во изминатите две години ги блокираа преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија“.

„Либерасион“ пишува дека Македонија се најде – уште еднаш – во ќор-сокак

Во „Либерасион“, пак, се нагласува дека добар дел од предизборната кампања му беше посветен на „прашањето за пристапувањето во ЕУ“, кое, според весникот, се претвори во „бесконечен процес“.
– Како кандидат за влез во ЕУ од 2005 година, државата спроведе низа амбициозни реформи во последниве години за да се обиде да ја почитува линијата на Брисел. Земјата дури отиде дотаму што го смени името за да ја задоволи соседна Грција. Во февруари 2019 година Македонија стана Северна Македонија, ставајќи крај на дваесет и седумгодишниот спор и принудувајќи ја Атина да го укине своето вето за членството на земјата во ЕУ. Но, тоа беше без да се земе предвид другиот проблематичен сосед: Бугарија.
Во 2020 година Софија за возврат стави вето, наведувајќи ги јазичните и културните разлики. Свесна дека едногласноста на дваесет и седумте е потребна за да започне пристапувањето, Северна Македонија се најде – уште еднаш – во ќор-сокак. Конечно, две години подоцна, двата соседа потпишаа договор, под покровителство на Франција. Бугарија потоа се согласи да го повлече своето противење и да го поддржи отворањето на пристапните преговори под услов Скопје да го измени својот Устав за да го „признае бугарското малцинство“ во земјата. Ревизија тешко да се проголта за жителите, кои се плашат од појавата на други бугарски барања.

Флоријан Бибер, политиколог и специјалист за Балканот: Конзервативците нема да гласаат уставни измени „по бугарски диктат, ниту денес ниту во иднина“

Во СДСМ целта останува иста: што побрзо да се ревидира Уставот за да се унапредат преговорите со Брисел. Но за првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, мора да се покаже цврстина. Оној што исто така одбива да го признае новото име на државата уверува: неговите пратеници нема да гласаат за уставни измени „по бугарски диктат, ниту денес ниту во иднина“. Затоа што ако конзервативната партија е за влез во ЕУ, „исто така е националистичка, и затоа е помалку подготвена да прави компромиси со соседните земји“, објаснува Флоријан Бибер, политиколог и специјалист за Балканот.
Меѓу предлозите на десничарската партија е: „Почекајте Северна Македонија да влезе во Европската Унија за да го измени Уставот“!
Дали поранешната југословенска република е предодредена да остане пред портите на Европа? „Со конзервативната партија на власт, сигурно е дека ќе биде потешко да се реши спорот со Бугарија“, забележува Флоријан Бибер. Но не е сè завршено. „Нивниот став кон Брисел во голема мера зависи и од коалицијата што ќе се направи“. Особено што, традиционално, владејачката партија се здружува со партиите што го претставуваат албанското малцинство, „кои цврсто го поддржуваат процесот на пристапување“.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да привлече гласови. И особено се фокусира на други ветувања: борбата против корупцијата и пристапот до вработување во оваа земја, која е меѓу најсиромашните во Европа. Стратегија што се чини дека даде плод, во време кога населението постепено ја губи надежта дека еден ден ќе влезе во ЕУ.
– Голем процент граѓани повеќе не веруваат во тоа – се согласува политикологот Флоријан Бибер.
Тоа не значи дека се против членството, туку дека не мислат дека тоа може да успее. Резултат: недостиг од интеграција, жителите повеќе не го гледаат овој процес како приоритет. Во 2014 година 80 отсто од Македонците го поддржаа членството во Европската Унија. Во 2021 година тие беа само 68 отсто.
Француското радио Франс интер во долга репортажа се осврна на позицијата на албанското малцинство во земјата, кое повеќе го истакнува албанското знаме отколку македонското, иако е направен голем напредок во почитувањето на нивните права. Или, како што пишува „Трибун де Женев“, „албанското малцинство си го бара своето место“ во земјата. Фаворитот на законодавните и претседателските избори оваа среда, македонската националистичка десница, ќе мора да коалицира со албанските партии за формирање парламентарно мнозинство. Албанското малцинство, според весникот од Женева, често се обвинува дека сонува за унија со соседно Косово.
Францускиот „Лес екхо“, покрај освртот на изборите, се задржува и на неверојатниот хаос околу официјалните документи: пасоши, лични карти, возачки дозволи… Пет години по договорот со кој Македонија требаше да го смени името, речиси една третина од населението не можеше навреме да ги смени документите, што предизвика фрустрации и незадоволство, кои сигурно ќе се одразат на резултатите од изборите.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур