Набрзо по затворањето на избирачките места, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, изјави дека на изборите имало солиден одзив. До 18.30 часот одзивот на претседателските избори беше 46,34 проценти, а на парламентарните избори – 53,15 проценти

Избори со израз на висока граѓанска свест за значењето на практикувањето непосредна, директна демократија

Уште во првите минути по 19 часот, по затворањето на гласачките места за парламентарните и вториот круг на претседателските избори, кои се одржаа на 8 мај 2024 година, портпаролите на двете најголеми партии во Македонија излегоа во јавноста со оцена дека „изборниот ден, генерално, минал мирно, иако биле забележани одредени нерегуларности“. Пред да почнат да се пребројуваат гласовите, портпаролката на СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, Богданка Кузеска, изјави дека „имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден“.
– Изборите беа фер и демократски, како што ѝ прилега впрочем на земја членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ – изјави Кузеска на прес-конференцијата одржана во седиштето на партијата.
Речиси истовремено, во име на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски изнесе слична оцена во однос на успешноста на изборниот ден. Тој наведе дека „народот излегуваше за да си ја врати Македонија, и сите заедно, обединето гласаа да ја вратат контролата врз системот, која ја немаа“. Муцунски го оцени изборниот ден генерално како мирен, но, сепак, мораше да нотира дека се забележани неколку поединечни нерегуларности.
Одредената неизвесност што владееше во текот на изборниот ден беше поврзана со опцијата да не биде постигнат цензусот од 40 отсто одзив на гласачите за претседателските избори. Таквата неизвесност беше подгревана од информациите за тивок бојкот на претседателските избори во средините со доминантно албанско население, особено по јавната објава на социјалните мрежи од гласањето само на ливчето за парламентарните избори од сѐ уште актуелниот вицепремиер во Владата, Артан Груби, висок функционер на ДУИ. Одредена збунетост кај гласачите предизвика и досега невообичаеното прашање дали сакаат да гласаат на двата изборни циклуса или само за едни: парламентарни или претседателски. За тоа прашање имало и десетина поплаки до канцеларијата на народниот правобранител, бидејќи гласачите сметале дека на некој начин им е компромитирано правото на глас.

Крајните резултати за одзивот на гласачите, сепак, укажуваат дека успешно се надминати сите неизвесности околу цензусот за претседателските избори и воопшто одзивот на граѓаните и на парламентарните избори.
Набрзо по затворањето на избирачките места, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, изјави на изборите имало солиден одзив. До 18.30 часот одзивот на претседателските избори беше 46,34 проценти, а на парламентарните избори – 53,15 проценти.
Најголем одзив за претседателските избори имаше во Новаци со 72,76 проценти, а најмала во Липково со 7,35 проценти.
Споредбено со вториот круг од претседателските избори во 2019 година, има зголемување на одзивот од 1,84 проценти, соопшти ДИК.
За парламентарните избори најголем одзив има во Кривогаштани, 82,43 проценти, а најмал во Центар Жупа, 18,62 проценти.
По изборни единици одзивот е следниот: во Првата изборна единица одзивот е 59,14 проценти, во втората – 48,61 процент, во третата – 57,87 проценти, во четвртата – 57,49 проценти, во петтата – 53,45 проценти и во шестата изборна единица – 37,36 проценти.
Како што информираат од ДИК, до нив се доставени вкупно 490 приговори за заштита на личното избирачко право.

lОдредената неизвесност што владееше во текот на изборниот ден беше поврзана со опцијата да не биде постигнат цензусот од 40 отсто одзив на гласачите за претседателските избори. Таквата неизвесност беше подгревана од информациите за тивок бојкот на претседателските избори во средините со доминантно албанско население

– Од нив, на 262 приговора на гласачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 33 приговори се отфрлени како неуредни, а 88 приговори се одбиени. Преостанатите приговори се во обработка – кажаа од ДИК.
Двојните избори во Македонија беа следени и од повеќе од 300 набљудувачи на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, распоредени на избирачките места низ целата држава. Тие го следеа текот на гласањето на вториот круг од претседателските и на парламентарните избори. Според Џилијан Стирк, која ја предводи меѓународната мисија за набљудување на изборите, целосната оцена за тоа како поминал изборниот ден ќе ја имаат кога ќе ги соберат и анализираат сите податоци од изборниот ден.

– Избирачкото место на кое сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата што ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи – изјави Стирк по посетата на гласачко место на изборниот ден во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општината Центар, во Скопје.
Првичните наоди од мониторирањето на изборниот процес од првиот круг на претседателските избори, Стирк рече дека ќе бидат презентирани денеска, на прес-конференција во 15 часот.
Покрај тристата набљудувачи што на изборниот ден беа распоредени низ државата, шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР потсети дека имаат и долгорочни набљудувачи, кои се распоредени низ целата земја на девет различни локации, следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.