ПОВЕЌЕ

    ЈП ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА „РАСТУРИ“ СО ДОБИВКА ОД 96 МИЛИОНИ ЕВРА, планираше само 36,2 милиони?!

    Време зa читање: 4 минути

    Со 5.906.427.172 денари (96 милиони евра) нето добивка ја заврши минатата 2023 година Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), покажуваат податоците од Бизнис мрежа. Оваа добивка е за 40 милиони евра поголема отколку во 2022, кога профитот изнесувал 3.448.047.142 денари, односно 56 милиони евра. Натфрлувањето е за 71,3 проценти. Бројките се многу повисоки од оние што во годишните финансиски извештаи беа прикажани од банките, на пример. И, од било која приватна компанија.

    Како ЈПДП направи ваков финансиски бум е прашањето на кое порталот „Пари“ побара одговор низ финансиските извештаи. Она што можевме да го заблежиме е дека на ваков резултат не се надевало ни Јавното претпријатие. Имено, тоа за 2023 година предвидело добивка од работењето од 36,2 милиони евра, што е неспоредливо ниска со остварената добивка од  96 милиони евра и тоа во нето, оданочен износ. Ако се погледаат бројките може да се види дека ваквиот финасиски резултат се должи на малку поголеми приходи од планираните, но на многу помали трошоци од предвидените!

    ЗАШТЕДИЛЕ НА ПОТРОШЕН МАТЕРИЈАЛ И НА СТРУЈА

    Во 2023 година вкупните приходи на ЈПДП биле 208,7 милиони евра, а планирани биле 193 милиони евра. Од друга страна, лани биле планирани расходи за 156,8 милиони евра, а биле реализирани само 107,7 милиони евра. Засега детален извештај што ЈПДП го доставува и до Собранието има заклучно со првото полугодие од минатата година, а од тие податоци за тој период може да се види дека значајни заштеди во однос на првото полугодие од 2022 година имало во однос на трошоците за материјали, ситен инвентар, енергетика и во ставката „останати трошоци за работење“.

    Финансиски показатели на ЈП за државни патишта за 2023 година во односн на планот (во милиони евра)

     

    ПРИХОДИТЕ ПОМАЛИ ОТКОЛКУ ВО 2022 ГОДИНА

    Претпријатието кое остварува приходи по неколку основи, меѓу кои од патарини, од регистрации, дел од акцизи на гориво… лани инкасирало 12.844.555.965 денари, што е противвредност на 208,7 милиони евра. Сепак, на приходната страна има намалување од 1,69 отсто, бидејќи во 2022 приливите изнесувале 13.065.010.666 денари (212,3 милиони евра).

    Одделни податоци, нема. Единствено е познато дека 2023 била рекордна по приходите од наплатените патарини – 62 милиони евра. Тоа го соопшти директорот Ејуп Рустеми, кога пред крајот на годината зборуваше за успесите од работењето. Воедно, тогаш нагласи дека материјалниот ефект кај патарините е за сто насто зголемен во однос на состојбата од 2020 година, кога приходите изнесувале 34 милиони евра. Во 2021 биле над 46 милиони евра, а во 2022 – повеќе од 53 милиони евра.

    Позитивно е што има поголем минус кај трошоците – 29 проценти. Се намалиле од 9.391.539.726 денари (152,6 милиони евра) во 2022, на 6.629.358.225 денари (107,7 милиони евра) лани. Познато е, претпријатието користи меѓународни кредити за изградба на патиштата, па оттаму и високите трошоци.

    Финансиски показатели на ЈП за државни патишта за 2023 година во односн на 2022 година (во милиони евра)

    МНОГУ ОБВРСКИ ЗА ВРАЌАЊЕ МУ ДОНЕСЕ БОНИТЕТНА ОЦЕНА Д

    И покрај овие постигнувања, ЈПДП има бонитетна оцена Д, што укажува на пониска способност за намирување на обврските. А, економските стручњаци би додале – соработката со такво друштво зависи од довербата. Сепак, зад „Државни патишта“ како јавно претпријатие, стои државата.

    Минатата година, според Рустеми, освен по инвестициите од 400 милиони евра, била успешна и поради започнатиот проект за изградба на 110 километри автопатишта од коридорите 8 и 10д. Иако преку ЈПДП одат плаќањата кон „Бехтел и Енка“, парите се обезбедуваат од државната каса.

    Кога ги најавуваше плановите за годинава, директорот нагласи дека јавното претпријатие има амбициозни планови и проекции, па покрај тековните активности, ќе се градат и нови патни правци во вредност од 367 милиони евра.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично