Ескобар: Времето на посетата на Кси Џинпинг на Србија е намерно избрано

Посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Србија „е темпирана да ги зголеми тензиите меѓу Србија и остатокот од западната заедница“, изјави претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на 8 мај, на последниот брифинг со новинарите во неговиот мандат што истекува на крајот на месецот.

„Верувам дека времето на посетата е несреќно, но намерно избрано“, рече Ескобар, посочувајќи дека посетата на кинескиот претседател се совпаѓа со годишнината од бомбардирањето на НАТО на кинеската амбасада во Белград.

На 7 мај 1999 година, пет бомби ја погодија кинеската амбасада.

„САД соопштија дека бомбардирањето на кинеската амбасада во 1999 година е случајно. Се извинивме. Верувам дека дури и плативме репарации на семејствата“, рече Ескобар.

По повод посетата на кинескиот претседател, тој рече и дека земјите кои тој ги избрал да ги посети се „отворени да го оспорат единството на евроатлантската заедница“.

„И затоа ги предупредуваме сите наши партнери да бидат многу свесни за агендата на Кина во Европа и за агендата на Кина во однос на евроатлантската заедница“, рече тој.

Ескобар на брифингот зборуваше и за членството на Косово во Советот на Европа за што рече дека неколку земји членки на ова тело побарале Приштина да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство.

Во разговор со новинарите, тој посочи дека прашањето за Заедницата на општините, заедно со некои други прашања поврзани со српското малцинство, кои не се исполнети, се дел од постојаните барања за Косово.

„Тоа е она што ја поттикнува загриженоста дека Косово можеби нема да ги има гласовите за Советот на Европа“, изјави Ескобар на 8 мај.