Кина ја поддржува Србија по прашањето на Косово

Кина ја поддржува српската влада во мерките за заштита на територијалниот интегритет на земјата за косовското прашање, изјави кинескиот претседател Kси Џинпинг на заедничката прес-конференција со неговиот српски колега Александар Вучиќ по потпишувањето заеднички документи.

„Кина ја поддржува Србија во заштитата на нејзината независност, како и во следењето на развојниот пат што одговара на нејзините национални интереси. Кина, исто така, ги поддржува напорите на Србија да го заштити сопствениот суверенитет и територијален интегритет за косовското прашање“, рече Кси.

Кси Џинпинг е во државна посета на Србија од 7 до 8 мај. Тој ја започна својата посета на 25-годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград од страна на воздухопловните сили на НАТО. На 7 мај 1999 година, авион на Северноатлантската алијанса ја погоди зградата на кинеската амбасада во Белград за време на воената операција против Југославија.

Српскиот лидер претходно истакна дека Белград целосно сфатил дека САД и ЕУ ќе продолжат да стојат со скрстени раце во однос на агресивната политика на косовските власти кон српското население. Во таа насока, според Вучиќ, Србија ќе биде принудена да го промени пристапот кон косовското прашање.

Бриселските договори за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина беа склучени на 19 април 2013 година. Според нив, на Косово треба да се формира Заедница на српски општини, самоуправно тело за Србите кои живеат во Косово. Вучиќ вели дека неговата земја го исполнила својот дел од бриселските договори, додека Косоварите го прекинале процесот.