Марија Спасовска ја освојува сцената со нова, модерна балада

by Fokus

Осумнаесетгодишната Марија Спасовска, која пошироката јавност ја запозна во 2018 година, кога ја претставуваше Македонија на Детска Евровизија во Минск, Белорусија, со песната ,,Дома”, промовираше нова песна и видео запис за истата.

„Минато“ е насловот на нејзината нова нумера, модерна ар ен би балада која преминува во побрз ритам, за потоа одново да заплови во помирни музички води.

-Емотивна во изведбата како и во стиховите на кои како и на музиката Марија и самата е автор, само ја надополнува нејзината слика на изведувач кој покрај несомнените вокални квалитети и впечатливата експресија во интерпретацијата, се наметнува и како се посериозен автор. На сето тоа се надоврзува и познатиот композитор и музичар Николче Мицевски, кој со својата аранжманска бравурозност ја обоил целата мелодија, пакувајќи ја во едно модерно музичко парче кое и тоа како кореспондира со современите музички текови.

Како и за сите останати песни досега и најновата „Минато“ е визуелизирана со видеозапис, чија режија овој пат ја потпишува Горан Симјаноски/Gogorzr. Во него младата поп уметница дополнително ги искажува и своето несомнено актерско умеење, вешто преточувајќи и улогите кои моменталниот музички израз и стиховите во одреден дел од песната тоа од неа го бараат… Улога на нејзин партнер има младиот модел Андреј Димоски, кој заедно со Марија ја водат замислената фабула во оваа музичка приказна- велат од тимот на Спасовска.

Инаку, Марија досега има два пати настапувано на фестивалот ,,Макфест” во Штип, и е дел од проектот ,,Македонијо, во срце те носиме” каде ја препеа ,,Ој Вардаре Македонски” на Јонче Христовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости