Ученици помогнаа на самохрана мајка со малолетно дете во Кавадарци. Тие со свои активности обезбедија финансиски средства за купување фрижидер и масичка за своите сограѓани, информираа од кавадаречкиот Црвен крст. Оттаму појаснија дека станува збор за млади волонтери во оваа хуманитарна организација, здружени под името „Надеж”.
– Младите хуманитарци се раководеа од потребите на ова семејство во социјален ризик. Активностите беа во рамките на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности). Се работи за ученици од основното училиште „Тошо Велков Пепето”, кои, за овој проект, ја имаа поддршката од наставничката Орхидеја Димовска – појаснија од Црвениот крст.
Оттаму информираа дека учениците ја постигнале крајната цел, ги обезбедиле потребните финансиски средства, преку организирање разни хуманитарни активности – спортски турнир и музички концерт во училиштето, ликовен конкурс, музички концерт во концертната сала на ООМБУ „Лазо Мицев Рале”, првоаприлски базар на градскиот плоштад во Кавадарци и од други активности.
– Учениците за цело време на проектот работеа под менторство на нивниот дисеминатор Даниела Лазовска од Црвениот крст Кавадарци, а поддршка имаа од директорот и наставниот кадар од нивното училиште. Исто така, поддршка добија и од младите волонтери од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ од Ваташа – соопштија од Општинската организација на Црвениот крст.