Лебот нема да поскапи, а сè друго ќе отиде до плафон

Инфлацијата во април, споредбено со истиот месец минатата година е повисока за 4 отсто, покажуваат најновите статистички податоци. За една година најголем раст е забележан кај овошјето и зеленчукот, млечните производи, рибата и морските плодови, шеќерот, џемот, чоколадите.... Во април минималната синдикална кошничка надмина 60 илјади денари, или е за 1.200 денари повисока од март. Според пресметките на ССМ, едно четиричлено семејство месечно само за храна и пијалаци троши нешто над 22 илјади денари, вредност што е речиси идентична со една минимална плата во земјава

6772

Инфлацијата во април споредбено со истиот месец минатата година е повисока за 4 отсто покажуваат најновите статистички податоци. За една година најголем раст е забележан кај овошјето и зеленчукот, млечните производи, рибата и морските плодови, шеќерот, џемот, чоколадите… Според статистика цените на мало за еден месец се зголемиле за три и пол отсто, а  инфлацијата за 0,7 проценти. Граѓаните најмногу пари месечно трошат за храна и пијалаци.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, велат дека на едно семејство месечно му се потребни 1.000 евра за да го истурка месецот. Тоа значи дека на семејство во кое двајцата родители се со минимален доход, му недостигаат седумнаесет и пол илјади денари. Оттаму потврдуваат дека доколку семејството има кредит за стан или живее под кирија, оваа сума драстично се зголемува и едвај може да се покрие со две просечни плати од по 38 илјади денари.

– Доколку едно четиричлено семејство има станбен кредит или живее под кирија, потребни му се околу 1.500 евра со оглед на тоа што во Скопје не може да се изнајми стан под 250 евра. Кога станува збор за четиричлено семејство што живее под кирија, во тој случај ни две просечни плати не ја покриваат минималната потрошувачка кошничка. Ако забележиме понатамошно зголемување на сумата за изнајмување стан, ќе ја ревидираме оваа ставка – изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССК.

Од ССМ велат дека цените што се земени во кошничката, ги бркаат секој месец. Поради тоа сметаат дека информациите за намалување на стапката на инфлација не се точни, со оглед на тоа дека ситуацијата на терен е поинаква, односно секој месец има зголемување на цените.

Сепак, ако е за утеха деновиве од „Агробизнис комората“ ветија дека во следните два месеца цената на лебот ќе остане стабилна. Првиот човек на комората, Горан Ѓорѓиевски вели забележан е раст на цените на житото на светските берзи, кој засега не ја менуваат сликата кај нас, но неизвесна е ситуацијата и поради војната на Блискиот Исток, која влијае на раст на цената на нафтата, а таа пак на нови повисоки цени на суровините кои се користат во прехранбената индустрија.

-Во наредниот период ќе има стабилност на цената на основни прехранбени производи како житото, пекарските производи. Големиот притисок и проблеми кои ги имаме се од друга природа, тоа се проблемите со човечките ресурси. Има големиот одлив на човечки ресурси кои работат во овој сегмент кон западните земји и кон туристичките земји како што Хрватска, Грција… Имавме и покачување на минималната плата што влијаеше на поголеми трошоци на компаниите, изјави Ѓорѓиевски.

Во април минималната синдикална кошничка надмина 60 илјади денари, или е за 1.200 денари повисока од март. Според пресметките на ССМ, едно четиричлено семејство месечно само за храна и пијалаци троши нешто над 22 илјади денари, вредност што е речиси идентична со една минимална плата во земјава.

И светските цени на храната растат веќе втор месец по ред. Зголемувањето најмногу се должи на поскапувањето на месото, маслото и житарките.

(А.С.)