Промоција на четири книги од Дубравка Угрешиќ во Центар – Јадро

24

По повод Денот на победата над фашизмот, што е и последниот ден од изложбата „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ, во рамки на деветтото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура, ќе се одржи промоција на четири книги (box-set) од хрватско-холандската писателка.

Промоцијата ќе се одржи на 9 мај, во КСП Центар – Јадро, со почеток во 19,30 часот. На промоцијата ќе говорат Владимир Јанковски, писател, преведувач и теоретичар на книжевноста и Петар Милат филозоф, директор на Мултимедијалниот институт од Загреб и издавач, како и близок пријател на Угрешиќ.

Во рамки на промоцијата ќе бидат претставени четири книги од Угрешиќ: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Црвеното училиште“ „Тука нема ништо!“, во превод на Владимир Јанковски и „Нарилник за вештерки“ во превод на Алек Кузмановски.

„Штефица Цвек во челустите на животот“ е можеби најпознатиот роман на Угрешиќ, книга со која таа станува позната на книжевната сцена во поранешна Југославија. Во романот на постмодернистички начин, авторката иронично и духовито си поигрува со тривијалната литература градејќи го текстот како шема за кроење проследен со кројачки термини, при што графички и содржински вметнува цитати, писма и совети. „Нарилник за вештерки“ е жанровски специфична книгата, додека „Тука нема ништо!“ претставува провокативен есеј во кој врз примерот на бањите и бањските лекувалишта авторката го анализира животот во постсоцијалистичка Европа и Хрватска. „Црвеното училиште“ се состои од текстови и визуелни дела кои се поврзани со работата на Угрешиќ на неколку буквари од различни временски периоди, преку кои прави анализа на различни културолошки и идеолошки аспекти поврзани со објавувањето буквари.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) од политички причини, на почетокот на деведесеттите години е присилена да ја напушти Хрватска, една година по објавувањето на тогаш анонимниот памфлет „Вештерките од Рио“, во кој се нападнати пет хрватски писателки. Неколку години поминува во Германија и САД, од 2001 живее во Амстердам. Беше остра критичарка на агресивниот национализам и културата на книжевниот пазар. Нејзините дела се карактеризираат со комбинација на иронија, полемичност и емпатија. Угрешиќ е наградена со неколку меѓународни награди за своето есеистичко дело, почнувајќи од збирката есеи „Американски фикционер“ и „Култура на лагата“. Други значајни есеистички книги се „Забрането читање“ , „Нема никој дома“, „Напад на минибарот“ и „Европа во сепија“. Нејзини најзначајни романи се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“ и „Баба Јага снесе јајце“.

Промоцијата е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт МАМА (Загреб) и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура.