Граѓаните и понатаму ќе плаќаат поскапа полиса за автоодговорност

1016

Предлогот за враќање на старите цени на осигурувањето при регистрација на возилата помина на Влада минатата недела, но до нејзиното официјално објавување во „Службен весник„, на сила ќе остане новиот тарифник чии цени се од 840 па до речиси 1600 денари повисоки. Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски смета дека пред секое поскапување потребно е да се обезбеди период за прилагодување и кај граѓаните и кај компаниите, а одлуката за зголемување, па намалување на цената ја оцени како избрзана.

Според Ангеловски, како и пред секое друго поскапување, треба да се обезбеди период за прилагодување, како кај граѓаните, така и кај компаниите. Тој додава дека доколку некоја одлука е поништена по логика на нештата во тој меѓупериод мора да се најде одредено решение како овие граѓани или институции да се обесштетат.

-Ад-хок утврдување или ад-хок укинување на некоја одлука внесува хаос во прометот. Можете да ги замислите како се чувствуваа граѓаните кои беа ставени пред свршен чин при плаќањето на осигурителната полиса. Ваквиот начин на работа не смее да се случува во организирана држава и затоа е потребен договор меѓу регулаторните тела и конкретните компании – вели Ангеловски.

Пред десеттина дена, осигурителните компании донесоа одлука да ја зголемат цената на задолжителната осигурителна полиса за 15,4 отсто, со образложение дека повеќе од 10 години не е променета, а во меѓувреме трошоците им пораснале. Со новиот ценовник, за возило од 44 до 55 киловати, полисата наместо 5.453 денари чини 6.292 денари.

Поскапувањето е пропорционално во зависност од зафатнината на моторот кој е вграден во возилото. Предлогот за враќање на старите цени мина на Влада, се чека негово објавување во „Службен весник“. На ова бурно реагираа фирмите од осигурителниот бизнис, со порака дека одлуката е директна закана за финансиската стабилност на секторот.

Осигурителните компании тврдат дека одлуката за повисока цена на полисата ја донеле бидејќи таа не е променета повеќе од 10 години, а нивните трошоци во меѓувреме пораснале. Но, анализата на АСО покажа дека поскапувањето е неосновано. Владата на седница на 3 мај ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

-Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15 до 30 отсто, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност. За износ на трошоците над 30 отсто, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од АСО – стои во владината одлука, која додека го правевме текстот, се уште не беше објавена во Службен весник. Кога ќе биде објавена одлуката на Владата, тоа ќе значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април годинава.

Неофицијалните податоци покажуваат дека повеќе од 10.000 граѓани деновиве платиле и сè уште плаќаат осигурителна полиса поскапа за 15,4 отсто.