Бајрами: Од утрово нема пријавени инциденти за гласањето

„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа во Парламентарните и во вториот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело“, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата на ЈОРСМ за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборите. 

По поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција бил оформен предмет во ОЈО Велес за две лица.

„За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп.

Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи беа примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија на проверки.

И понатаму до овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување“, додаде обвинителот Бајрами.

Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а нашата електронска адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите. И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а тесно се координираме и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.

„Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, истакна јавниот обвинител Бајрами во изјава за медиумите.