На средбата меѓу Ердоган и кувајтскиот емир потпишани неколку договори за соработка

Турција и Кувајт потпишаа шест договори за соработка во присуство на претседателот Реџеп Таип Ердоган и кувајтскиот емир Мешал ал-Ахмад ал Џабер ал-Сабах во Анкара, јави агенцијата Анадолија.

Церемонијата за потпишување на договорите беше одржана по состанокот на лидерите на двете земји на ниво на делегации во претседателскиот комплекс во Анкара.

Кувајтскиот лидер вчера пристигна во официјална посета на Турција, каде со најголеми почести беше пречекан од Ердоган.

Турција и Кувајт потпишаа договори за соработка во областа на промоција на инвестиции, слободни зони, грижа за домување и инфраструктура, управување со катастрофи и вонредни ситуации, воспоставување заеднички стратешки дијалог и имплементација на меѓудржавните договори во одбранбената индустрија.