Белата куќа оптимистична во врска со договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Израел и Хамас треба да бидат способни да ги надминат преостанатите разлики и да постигнат договор за прекин на огнот, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Покрај тоа, Белата куќа оцени дека е „неприфатливо“ што Израел затвори две главни точки за влез на хуманитарна помош во Појасот Газа. Кирби рече и дека се надева оти конечниот договор ќе биде постигнат „многу брзо“ на разговорите во Каиро и изрази задоволство што сите страни испратиле свои пратеници.

Џон Кирби не кажа кои прашања допрва треба да се решат.

Израел ги увери САД дека нивната воена операција во Рафах е „ограничена“ по обем и времетраење и има за цел да го прекине снабдувањето со оружје за Хамас, рече Кирби. Повтори дека Вашингтон се противи на „голема“ копнена офанзива на Рафах и сака граничниот премин, кој е затворен од израелската армија, да биде повторно отворен „што е можно поскоро“.

Портпаролката на Белата куќам Карин Жан-Пјер го нарече „неприфатливо“ тоа што Израел ги затвори граничниот премин Рафах и преминот Керем Шалом.

„Затворените гранични премини мора повторно да се отворат, неприфатливо е тие да бидат затворени“, рече таа најавувајќи дека преминот Керем Шалом повторно треба да биде отворен во среда.

Израелската армија во вторник испрати тенкови во Рафах и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет.

Седум месеци по војната, Израел објави дека испратил делегација во Каиро за да преговара за прекин на огнот, еден ден откако Хамас го прифати предлогот на Египет и Катар.