АБА лига: Партизан поразен во драматична завршница во Подгорица

Кошаркарите на белградски Партизан поразен се во драматична завршница со 73:74 на гостувањето кај подгоричка Будуќност во реванш натпреварот од полуфиналната серија во регионалната АБА лига.

Партизан имаше напад за победа, но во последните секунди од дуелот Алекса Аврамовиќ се реши на влез но не го реализраше за победа, откако неколку моменти претходно на спротивната страна Кенен Камењаш не реализираше две слободни фрлања на еден поен разлика за Будуќност. Така патникот во финалето ќе биде познат во Белград во мајсторката во петок.

Будуќност во еден момент кон средината на последната четвртина имаше предност од девет поени, но откако кај гостите беше исклучен Франк Камински поради намерна лична грешка по која доби и техничка, Партизан со добра одбрана успеа да се рати во мечот и на крајот ја испушти можноста со победата на гостински паркет да обезбеди пласман во финалето.

Од самиот почеток на мечот кошаркарите на двете екипи покажаа голема борба и израмнета игра, а тимовите се сменуваа во водство, На половина од првата четвртина резултатот беше нерешен, а кај белграѓаните шутерски добро отворија Камински и Доужер. Сепак, Обрадовиќ не беше задоволен од играта во одбраната на американскиот центар, па го извади од игра и не го внесе до крајот на првото полувреме.

Доужер, пак, почна да ги погодува обидите, но продолжи сменувањето на водството. Првата почувствителна предност ја направи Партизан во финишот од третата четвртина кога на кусо имаше шест поени предност, но Мекинли Рајт во последната секунда со кош и дополнително слободно фрлање спречи поголемо заостанување на Будуќност.

Кевин Партнер погоди шут за „тројка“ на стартот од втората делница за нови шест поени предност, но следеше период на очајна игра во нападот на Партизан и серија загубени топки. Тоа го искористи Будуќност да израмни и повторно да оствари минимално водство, а во два наврата дојде и до плус три поена, што го разбесни Обрадовиќ кој во тој период за кусо време свика два тајм-аути.

Сепак, Партизан ја консолидираше одбраната преку Бруно Кабокло, Доужер се врати во ритам и направија серија од 7:0 до полувремето за плус четири, кои можеа да бидат и повисоки доколку „црно-белите“ преку Пантер реализираа „тројката“ во последните моменти од периодот.

Почетокот на второто полувреме Партизан го отвори со „тројка“ и се чинеше дека гостите може да се одлепат, меѓутоа следеше одговорот на Будуќност. Домашните од тој момент заиграа многу подобри и брзо го надоместија заостанувањето. Следеше нивната серија од 11:4, па по забивањето на Макунду на средината од третата делница Будуќност дојде до најголемата предност од пет поени. Накусо Партизан одговори, но домашните ја одбранија споменатата предност со која влегоа во последната четвртина.

Во последните десет минути Будуќност влезе со предност 62:57, а по низата промашувања на двете страни, Макунду атрактивно заби со дополнително слободно фрлање што го реализираше носејќи ги домашните на плус осум.

Веднаш потоа следуваа непријатни сцени. Откако Камински ја прекина серијата на Партизан без поени, направи прекршок кој беше квалификуван како намерен а потоа му беше досудена и техничка грешка за исклучување. Следеше кус прекин откако неколку домашни навивачи тргнаа кон Камински кој заминуваше во соблекувалната, а Пантер реагираше во заштита на својот соиграч.

На три минути до крајот Партизан се приближи на пет поени заостанувања, а тогаш Џонс направи фаул во напад над Пантер кој ги промаши двете слободни фрлања но веднаш потоа по добрата одбрана поентираше во брза транзиција за минус три.

На минута до крајот Будуќност имаше пет поени предност и напад. Сепак, Партизан успеа да се одбрани и на 15 секунди до крајот по заостанување од 71:74, Алекса Аврамовиќ доби две слободни фрлања и намали на поен. На десет секунди до крајот Камењаш имаше две слободни фрлања кои ги промаши. Партизан така доби напад за победа, Аврамовиќ одлично се избори за позиција да поентира од зицер но промаши, па Будуќност ја врати серијата во Белград.