Златната топка на Марадона ќе биде понудена на наддавање

Златната топка што ја освои еден од најдобрите светски фудбалери во историјата на оваа игра – Диего Армандо Марадона како најдобар играч на Светското првенство во 1986 година ќе биде понудена нанадавање во Франција во јуни, објави во вторникот аукциската куќа Aguttes.

Ова е првата Златна топка што оди на аукција и, иако нејзината вредност сѐ уште не е потврдена, аукциската куќа очекува таа да достигне милиони кога на 6-ти јуни ќе се наддава за неа.

Марадона, кој почина во 2020 година, ја освои наградата откако ја предводеше Аргентина до победа на Светското првенство во Мексико, постигнувајќи пет гола ан финалниот турнир кога беше капитен на селекцијата на својата земја и играше секоја минута од турнирот.

Тој турнир веројатно најдобро се памети по двата гола на Марадона против Англија во четвртфиналето. Инаку нискиот Марадона го натскока англискиот голман Питер Шилтон кога го постигна првиот гол со крената тупаница, за кој подоцна рече дека е голот постигнат од „Божја рака“. Вториот гол го постигна откако помина пет англиски играчи пшочнувајќи го „слаломот“ од аргентинската половина на теренот и беше прогласен за „гол на векот“.

Дресот кој го носеше тој ден, заедно со топката со кој се играше тој натпревар, веќе се продадени на аукција. Дресот на наддавање на 4-ти мај 2022 година беше за 8,93 милиони долари, што претставува нов рекорд некогаш платен за парче спортски сувенир. Топката од истиот натправар, пак, на аукција на 16-ти ноември 2022 година постигна цена 2,3 милиони долари.

По натпреварот против Англија, Марадона постигна два гола во полуфиналето против Белгија, а Аргентина на крајот победи со 3:2 против Западна Германија.

Наградата „Златна топка“ беше воведена на Светското првенство во 1982 година, а на листата на добитници се Италијанецот Паоло Роси, Бразилците Ромарио и Роналдо, Французинот Зинедин Зидан, додека аргентинската ѕвезда Лионел Меси е единствениот играч кој ја добил наградата двапати.

Наградата на Марадона исчезна пред повторно да се појави меѓу неколкуте трофеи во аукциската соба. Неодамна трофејот беше доверен на аукциската куќа Aguttes, која спроведе истрага за неговото потекло и успеа да го потврди како автентичниот трофеј на Марадона за Златната топка од германскиот производител на спортска опрема „Adidas“.